Фото: Левица

Шумската мафија ја опустоши планината Лопушник, реагира Левица

Снимка деновиве кружи на социјалните мрежи и покажува застрашувачки кадри од масовна сеча на планината Лопушник – голини наместо шума, искршени стебла, ровови од тешка механизација и предели оставени во состојба на потполно уништување, реагира партијата Левица.

Според опозициската партија, граѓани алармираат за масовна нелегална сеча на шума низ повеќе предели во Македонија, додека директорите на „Македонски шуми“ – Здравко Трајанов и Кире Михаилов, како што велат, „молчат и шират партиска агитација на социјални мрежи“.

„Директорот на ‘Македонски шуми’ треба да даде одговори на јавноста дали има одобрение и врз основа на која шумско-стопанска основа е извршена сечата на Лопушник? Бидејќи станува збор за немаркирана сеча, сериозни се сомнежите дека станува збор за уште еден екоцид на шумската мафија во Македонија, која со заштита на властите заработува до 50 милиони евра годишно од пустошењето на македонските шуми“, велат од Левица.

Според Левица, ова не е случај само на Лопушник, туку вакви сечи се случуваат по сите македонски шуми.

„Криминалната сеча на шумите е огледало на неодговорното работење на сегашното раководство на претпријатието, поставено по партиска логика на ДПМНЕ. Истото раководство, во кое заменик генералниот директор Кире Михаилов наместо да се занимава со одговорно стопанисување со државните шуми, своето време го трошеше на ширење шовинизам, валидирање говор на омраза и закани за сексуално насилство кон советничката од Левица во Советот на Град Скопје, Евгенија Станкоска“, обвинуваат од партијата.

Левица бара оставка на генералниот директор Здравко Трајанов поради, како што велат, неодговорно управување со претпријатието, со што според партијата се врши покривање на еколошки криминал врз планината Лопушник.

„(Левица бара) и отстранување на Кире Михаилов од функцијата заменик генерален директор, како лице чие однесување на социјалните мрежи е директна злоупотреба на јавна функција. Исто така, бараме итно вклучување на МВР, Државниот инспекторат за животна средина и Шумската полиција, со теренска проверка и јавно објавување на наодите“, стои во реакцијата.

Жители на Алдинци и Мала Река со протест побараа одговорност за сотрената шума на Караџица

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот