Фото: Христијан Мицкоски / Фејсбук

ФОТО | „Чистиот образ тешко се одржува, а лесно се губи“, рече Мицкоски на стадионот во Струмица

На одбележувањето на 36-годишнината од основањето на ВМРО-ДПМНЕ беше промовиран и новиот слоган: Македонија забрзува

Премиерот и претседател на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва од Струмица, каде се одбележуваат 36 години од основањето на партијата, рече дека од утре почнува реконструкцијата на Владата и најави промени. Тој порача дека „нема да толерира занес во привилегиите што ги нуди власта“ и оцени дека на „некои“ (од актуелните функционери) „фотелјата им стана помила од народот“.

Тој рече дека промените почнуваат од ВМРО-ДПМНЕ, каде една третина од новите претседатели на општинските комитети неодамна биле првпат именувани на таа функција, а ќе се бираат и нови претседатели на Унијата на жени и на Унијата на млади сили на партијата.

Одбележување на 36 години од основањето на ВМРО-ДПМНЕ / Фото: Христијан Мицкоски / Фејсбук

– Морам да кажам дека кога станува збор за Владата, многу прецизно го детектирам и следам феноменот што дел од ешалоните скршнуваат од она што треба да биде кодекс на однесување и принципи на Владата. Очигледно има и такви на кои фотелјата им стана помила од контактот со народот. Добивам поплаки дека дел од министрите и директорите се недостапни за народот, а има и такви на кои приватните патувања им станаа помили од посетата на селата и градовите. Заборавија од каде дојдовме и како започнавме – рече Мицкоски.

Одбележување на 36 години од основањето на ВМРО-ДПМНЕ / Фото: Христијан Мицкоски / Фејсбук

Тој посочи дека пред осум години, почнал токму од Струмица, кога стана претседател на ВМРО-ДПМНЕ, „со посета на месните комитети, со еден партиски автомобил, кој неретко се расипуваше, со една наследена и истрошена камера и со двајца-тројца луѓе околу него“. Но желбата за успех била голема.

Одбележување на 36 години од основањето на ВМРО-ДПМНЕ / Фото: Христијан Мицкоски / Фејсбук

– Ова време не треба да го заборави никој. И ова е порака дека нема да толерирам занес во привилегиите што ги нуди власта. Ние сме овде да му служиме на народот. Чистиот образ тешко се одржува, а лесно се губи. Кога јас можам да одговорам во текот на денот на стотици луѓе, сигурен сум дека тоа го може секој министер или директор. Да, не е лесно, но на народот му е потешко и не сакам изговори. Моите соработници ми велат: „Претседателе, многу сте меки во вашиот карактер.“ Точно е. Јас на човек скоро и да не сум му повишил тон. Мојот праг на толеранција е огромен, кон секого се однесувам со почит и разбирање, што е и моја домашна култура, но тоа не значи, никако не значи, дека сум наивен и дека ќе толерирам несовесност и скршнување од принципите – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер.

Во карактеристичниот популистички тон, тој наведе и дека „не прифаќа оправдувања од ниту еден именуван функционер дека е уморен“, а на тие коишто и покрај неговото неприфаќање се уморни, им порача дека е „чесно само да си заминат“.

Одбележување на 36 години од основањето на ВМРО-ДПМНЕ / Фото: Христијан Мицкоски / Фејсбук

Мицкоски додаде неговата партија и власта не се тркаат со опозицијата, бидејќи „таа не им е репер“, како и дека го чувствува стравот од избори кај противниците.

Одбележување на 36 години од основањето на ВМРО-ДПМНЕ / Фото: Христијан Мицкоски / Фејсбук

– Што се однесува, пак, до нашите противници, го чувствувам нивниот страв од избори. Ова е единствената опозиција во светот која не сака избори. Кога ќе се спомнат избори, ги фаќа уплав. Држат прес-конференции, лажат, манипулираат. Се претворија во аналитика на Бирото за јавни набавки… Јас сега ќе работам на реконструкцијата на Владата, но од опозицијата треба да внимаваат што изјавуваат во однос на изборите, затоа што може и да им се оствари она што декларативно го зборуваат. Кога го гледам овој народ овде, пораката е јасна: ние сме подготвени. Подготвени сме за секое сценарио – рече Мицкоски.

ВИДЕО | ВМРО-ДПМНЕ слави роденден на стадион во Струмица

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот