Човекот што ги запали возилата пред Бугарската амбасада има тетоважа од Путин — му бил херој и идол

Човекот кој денеска околу пладне потпали две паркирани возила пред Бугарската амбасада во Скопје, по што беше експресно идентификуван од Агенцијата за национална безбедност и уапсен од Министерството за внатрешни работи, имал тетоважа на стомакот од претседателот на Русија Владимир Путин, кој му бил херој и идол, дознава „Слободен печат“ од свои добро упатени извори.

Тие тврдат дека засега мотивот за инцидентот не е поврзан со Бугарија, туку сторителот наводно се изнервирал зашто на некоја телевизиска репортажа видел дека возилата се паркирани непрописно, фатил автобус од Драчево, дошол во Центар и ги запалил возилата. На стомакот осомничениот го има истетовирано ликот на Владимир Путин, претседател на Руската Федерација, за кој велел дека му е херој и идол.

„Веднаш по пријавата за пожар на двете службени возила сопственост на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје денеска во 12 часот и 13 минути, СВР Скопје презеде интензивни мерки и активности за расчистување на случајот и пронаоѓање на сторителот. Во рамки на преземените активности, во краток временски период е идентификувано и пронајдено лицето за кое постои основано сомнение дека го сторило делото. Станува збор за И.Д. (44) од Скопје, кој е лишен од слобода и задржан во полициска станица“, велат од Министерството за внатрешни работи.

ВИДЕО | Запалени се дипломатски возила пред Бугарската амбасада во Скопје

„При преземените дејствија е пронајдена и облеката што лицето ја носело во моментот на извршување на делото. Во координација со надлежен јавен обвинител се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот, по што против лицето ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по итна постапка“, се додава во полициското соопштение.

Со настанот се отвори дилемата дали се работи за револт поради непрописно паркирање на бугарски дипломати или за хибридна операција на странски фактор. На почетокот на март АНБ, Јавното Обвинителство и Бирото за јавна безбедност презедоа организирани мерки и активности за кривично-правен прогон на лица и одземање на пропагандни материјали кои имаат за цел да предизвикуваат етничка и национална нетрпеливост, раздор и омраза меѓу граѓаните.

Лицата опфатени во кривичната пријава преку печатење и дистрибуција на пропаганден материјал планирале да поттикнат омраза кон македонската држава и идентитет и предизвикување на тензии, а преку социјалната мрежа Facebook, на страната „Историски податоци за Македонија“ споделувале содржини кои предизвикуваат национална и етничка дискриминација.

Наведените активности биле поттикнати во координација и по насоки на бугарски државјанин, кој подолг период на социјалните мрежи и преку бот мрежа на информативни портали спроведува пропагандни активности со цел поттикнување омраза, нетрпеливост и насилство помеѓу македонските и бугарските граѓани во двете земји, од позиција на недржавен прокси актер во функција на хибридно поткопување на стратешките евро-интегративни процеси на Македонија и загрозување на европската безбедност, соопштија од АНБ тогаш.

 

Фатен е потпалувачот на возилата пред Бугарската амбасада, јавува МВР

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот