Мицкоски го осуди палежот пред Бугарската амбасада, вели дека се истражуваат мотивите за нападот
Премиерот Христијан Мицкоски вечерва во гостување на „Алсат“ го осуди денешниот инцидент пред Амбасадата на Бугарија во Скопје, во кој напаѓач полеа со запалива течност и запали два автомобили паркирани пред амбасадата. Осомничен за инцидентот попладнево беше уапсен, а Мицкоски вели дека тој се испитува околу мотивите за насилниот чин.
Препорачано
„Мојот став е ист како оној на Владата, силно го осудуваме овој кривично правен настан. И она кое што можам да го кажам е дека лицето кое што е сторител на овој кривично правен настан е обезбедено и во моментот трае распит за да ги видиме мотивите што и како придонело да се случува ова кое што се случи во текот на денот, да видиме што го инспирирало ова лице да го направи тоа што го направи“, рече Мицкоски во дневникот на „Алсат“.
На прашањето за информација околу тоа дали се работи за изолиран случај, Мицкоски посочи дека тој би се воздржал од дополнителни коментари, како и дека осомничениот го признал делото, а надлежните го испитуваат, по што се очекуваат повеќе информации.
Во однос на тоа дали имал комуникација со бугарските институции за инцидентот, Мицкоски рече:
„Министерството за надворешни работи е во постојана комуникација, ме информираше министерот дека разговарал со неговата колешка. Така што, од наша страна ставот е јасен и на МНР: силно го осудуваме, лицето го обезбедивме за помалку од три часа и како институции уште една покажавме дека функционираме беспрекорно. Така што, да видиме кои се мотивите за овој кривично-правен настан“, изјави премиерот.
ВИДЕО | Запалени се дипломатски возила пред Бугарската амбасада во Скопје


