Сведок тврди дека големиот шумски пожар во Штипско е подметнат
Пожарот кој вчера попладне избувна кај штипското село Долани, беше изгаснат вечерта околу 20:30 часот. Според првичните проценки, изгореле околу околу 30 хектари со грмушки, но и дел под борова шума, пишува „Вечер“.
Препорачано
Командирот на Територијалната противпожарна единица од Штип, Благој Ренџов, вели дека екипа ќе остане на терен, со цел навремено да се реагира доколку повторно се појави опасност од разгорување на пожарот.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека во гаснењето на пожарот биле вклучени четири противпожарни возила и 15 пожарникари од ТППЕ – Штип. На терен интервенирале и шестмина доброволци со две возила од Доброволното противпожарно друштво – Штип, како и екипа од ЈП „Исар“.
Во акцијата биле вклучени и четири трактори кои изработиле заштитен појас за да се спречи ширењето на огнот кон селото. Помош пристигнала и од ТППЕ – Радовиш, која испратила едно возило и оператор на дрон. Гаснењето било поддржано и од воздух, при што авионот на Дирекцијата за заштита и спасување извршил две исфрлања вода врз критичните точки на пожарот. На терен била присутна и екипа на СВР Штип.
„Според сведочењето на жител кој се здобил со полесни телесни повреди при обид да помогне во гаснењето, пожарот бил подметнат од две непознати лица, кои потоа побегнале“, велат од ЦУК.
Ова е трет поголем пожар во Штипско во последните неколку дена, а деновиве имаше и неколку активни шумски пожари во Кумановско.
ВИДЕО | Драматична борба со огнот во Штип, градоначалникот бара помош од околните градови


