ФОТО | Полна сала и аплаузи за светската премиера на документарниот филм „Руини“ на Елена Чемерска во Шангај
Во рамките на 28. Шангајски интернационален филмски фестивал, во Филм Арт центар во Шангај, на 14 јуни 2026 година премиерно беше прикажан дебитантскиот долгометражен документарен филм „Руини“ на Елена Чемерска.
Препорачано
– Проекцијата се одржа пред преполна сала и беше проследена со разговор со публиката, која со голем интерес ги сподели своите впечатоци за филмот. По проекцијата следеше средба со бројните посетители, кои ги поздравија авторите со долги аплаузи и интерес за фотографирање и автограми – објави продукцијата на официјалниот инстаграм-профил.

Документарниот филм е во режија на Елена Чемерска, а продуценти се Иван Унковски, Ивана Шекуткоска и Елена Чемерска. Копродуценти се Оливер Сертиќ и Ивана Нацева, а извршен продуцент е Атанас Георгиев.
Кинематографијата е на Ѓорѓи Клинчаров и Марина Колоска, монтажата на Владимир Гојун и Горјан Атанасов. Композитор е Игор Василев Новоградска, дизајнер на звук на Лука Гамулин.

Филмот е за реставрацијата на „Споменикот на слободата во Кочани“, монументално дело на таткото на Елена Чемерска, големиот уметник Глигор Чемерски и архитектот Радован Раѓеновиќ.

Филмот е реализиран со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Хрватскиот аудиовизуелен центар, РТВ Словенија и во рамки на проектот „Култура за развој” на Владата на Швајцарија, имплементиран од „Хартефакт Фонд“.
„Руини” е копродукција помеѓу „Синема Футура“ и „Минимал колектив“ од Македонија, „Рестарт“ од Хрватска и Потем од Словенија, во соработка со „Флимтрик“.


