Пет книги влегоа во потесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата за 2026 година
На годинашниот конкурс за наградата „Браќа Миладиновци“ 2026 година, организиран од страна на НУМ „Струшки вечери на поезијата“ – Струга, се пријавија 35 автори со вкупно 37 поетски книги објавени меѓу две фестивалски изданија, во период од 01.06.2026 до 01.05.2026 година.
Препорачано
Комисијата, согласно одредбите на истиот, по завршувањето на предвидените фази за својата работа, на состанокот одржан на 10 јуни го утврди поширокиот избор од 10 автори, а потоа едногласно ја утврди листата со потесниот избор од пет поетски книги во конкуренција за наградата.
Делата се наведени по азбучен ред според презимето на авторот:
– „Меко трње“ од Марија Ангеловска (Скопје: ПНВ Публикации, 2026),
– „Во куќата“ од Николина Андова Шопова (Скопје: Бегемот, 2026),
– „Длабок простор“ од Зоран Анчевски (Скопје: Арс Ламина, 2026),
– „Првата ноќ и вториот рај“ од Сузана В. Спасовска (Скопје: Слово, 2026),
– „Болна земја“ од Братислав Ташковски (Скопје: Матица македонска, 2026).
Жири-комисијата, согласно Правилникот за наградата, продолжува да работи во тајност до донесувањето на конечната одлука. Поетите од потесниот избор ќе имаат свое претставување на одделен настан на фестивалот, пред официјалното соопштување на добитникот, кое ќе биде на 26.06.2026 година, во 12:30 часот. Наградената книга, покрај паричната награда, добива и објавување на книгата во превод на англиски јазик, промоција и портрет на следното издание на Струшките вечери на поезијата.
Фестивалот ќе почне на 24 јуни 2026 година со традиционалното засадување на дрво во Паркот на поезијата од страна на годинашниот добитник на наградата „Златен венец“ на СВП, Анеке Брасинга од Холандија. Официјалното отворање ќе биде вечерта во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, со почеток во 20:30 часот.
Годинава Фестивалот ќе се одржи под фестивалското мото „Каде што живее поезијата“, кое е сообразено и со целокупниот визуелен концепт изготвен од креативниот тим на СВП, преку кој се посочува на кревкоста на традицијата и културата, но и за нејзината особеност и трајноста на зборот. За јазикот како куќа на поезијата, за внатрешното и светогледите, за идентитетите и разноликоста. Сето ова е одразено и низ целокупната програма на Струшките вечери на поезијата, кои годинава одбележуваат 65 години од своето постоење.


