Насловна корица на книгата / Брајан Рејнолдс

Издавачот „Перун Артис“ објави македонски превод на драмскиот текст „Сина сенка“ од Брајан Рејнолдс

Деновиве од печат излезе драмата „Сина сенка“ од познатиот американски драматичар, режисер, актер и професор Брајан Рејнолдс. Сурова и бескомпромисна, оваа пиеса говори за светот на внатрешната лага и автодеструкција со силна порака која не само што предупредува, туку и освестува.

За оваа пиеса, која со голем успех беше поставена од страна на независниот театар „Златен Елец“, театарската режисерка Тамара Стојаноска ќе каже: „‘Сина сенка’ е прво сценско и издавачко присуство на Брајан Рејнолдс во Македонија, но проблемите што ги отвора делото се длабоко вкоренети во глобалната реалност. Ова не е драма што ‘го разобличува системот’ однадвор, туку текст што покажува како системот функционира преку мислите и навиките на луѓето. Насилството во овој свет не е исклучок, туку состојба и не е спектакл, туку нормализиран процес.“

Брајан Рејнолдс (доктор и магистер на Универзитетот Харвард, диплома за уметности на Универзитетот во Калифорнија, Беркли) е истакнат професор по драма на Универзитетот во Калифорнија, Ирвин; уметнички директор на театарската трупа „Трансверзал“ со седиште во Амстердам; и содиректор на Меѓународниот театарски фестивал на заедницата во Калифорнија.

Тој е автор или уредник на повеќе од десетина книги на теми кои се движат од критичка теорија и методологии до Шекспир и современ театар и перформанс активизам, а неговата најнова книга е со наслов „Уметност надвор од работ: Креативност и конфликт во свет во пламен“ („УС Прес“, 2026).

Работејќи како режисер и драматург, неговите драми и мјузикли се продуцирани во над 75 театри во 22 земји во Северна Америка, Европа, Блискиот Исток и Африка.

Драмата „Сина сенка“ е дел од нововостановената едиција „Нова американска драма“ на „Перун Артис“ и е во превод од англиски јазик на Сашо Огненовски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 335, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.6.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот