Мицкоски најави реконструкција на Владата и разговори со коалицијата по 17 јуни
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека разговорите за реконструкција на Владата со коалиционите партнери ќе започнат по 17 јуни, откако ќе завршат партиските и државните обврски во тој период.
Препорачано
Тој по промоција на приватна инвестиција во општина Илинден посочи дека првично ќе се одбележи роденденот на ВМРО-ДПМНЕ на 17 јуни во Струмица, по што веднаш ќе следат политички консултации околу можни промени во извршната власт.
-Следната недела е роденденот на ВМРО-ДПМНЕ, што ќе биде на 17 јуни во Струмица, од 20 часот, на стадионот. После тоа, следниот ден веќе почнуваме со разговори со владините коалициони партнери околу реконструкцијата на Владата- изјави Мицкоски.
Тој потсети дека реконструкцијата ја најавил уште во август минатата година, посочувајќи дека по локалните избори ќе следат кадровски промени со цел, како што рече, поголема динамика и ефикасност во работата на Владата.
Мицкоски нагласи дека промените не значат незадоволство од актуелните функционери, туку потреба од „подинамичен капацитет“ и посилно темпо на реформите.
Тој исто така порача дека нема да има промени во коалицискиот партнер од албанскиот блок и дека ДУИ ќе остане во опозиција подолг период.


