Панорама на Скопје - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Панорама на Скопје - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Даночните решенија ќе стигнат до скопјани на крајот на јуни, Градот ја ревидира вредноста на имотите

Од Град Скопје ги повикуваат сите даночни обврзници физички лица да се регистрираат на даночниот портал на Град Скопје, со цел навремено да ги добијат своите решенија на е-маил адреса, да ги преземат електронски и да ги подмират своите обврски без доцнење.

До крајот на јуни до граѓаните и до фирмите ќе бидат доставени решенијата за данок на имот и за фирмарина за 2026 година, но годинава нема да бидат само во хартиена форма туку се воведува и електронска достава.

Од Градот објаснуваат дека промената на начинот на испораката всушност е една од причината зошто годинава тие досега не се доставени до даночните обврзници, иако вообичаено претходно пресметките за данок стигаа уште во февруари, а најдоцна во март за тековната година.

Во однос на доставата на решенијата за данок на имот и комуналната такса (фирмарина) за 2026 година, новина е воведувањето на електронска достава. Градот го финализира модулот за електронска испорака, со што за првпат ќе се овозможи електронска достава на Решенијата до е-маил адресите на даночните обврзници како и дигитално преземање на истите. Веќе од следната недела ќе започне доставата на решенијата за фирмарина до правните лица преку нивните официјални е-маил адреси регистрирани во Централниот регистар. Неделата потоа ќе бидат доставени и решенијата за данок на имот за 2026 година по електронски пат до сите даночни обврзници – велат од Град Скопје.

Оттаму ги повикуваат сите даночни обврзници физички лица да се регистрираат на даночниот портал на Град Скопје, со цел навремено да ги добијат своите решенија на е-маил адреса, да ги преземат електронски и да ги подмират своите обврски без доцнење.

Покрај ова, како што велат од Градот, паралелно се работи и на обезбедување технички предуслови за физичка достава, имајќи предвид дека АД „Македонска пошта“ ја укина услугата за масовно ковертирање и достава. Градот обезбедува сопствена опрема за ковертирање, а доставата ќе се реализира во соработка со десетте скопски општини.

Половина од имотите во Скопје не се никогаш проценети: Градот прави даночна реформа, па доцнат решенијата за данок

Уште пред еден месец на последната седница на Советот на Град Скопје беше усвоен новиот Правилник за унифицирање на цените на градежното и земјоделското земјиште и зоните на населени места на подрачјето на Град Скопје. Правилникот, како што објаснуваат од Градот, претставува законска обврска согласно Методологијата за процена на пазарната вредност на недвижниот имот.

Притоа, според член 4 од Правилникот при утврдување на данок на имот, како и при вршење ревизија на пазарната вредност на недвижниот имот на секои 4 години, даночна основа претставува пазарната вредност на недвижниот имот утврдена во овој Правилник.

Важно е да се истакне дека оваа законска обврска не била почитувана во изминатите четири години, поради што Градот беше должен да изврши усогласување на вредностите со реалните пазарни цени постигнати во купопродажните договори од претходните години. Усвојувањето на Правилникот не претставува новина, туку исполнување на законска должност која досега била одложувана – велат од Град Скопје.

Неодамна оттаму објаснија за „Слободен печат“ дека во изминатите шест месеци била спроведена детална ревизија на сите договори за градежно земјиште поради утврдена нетранспарентност во зонирањето и ценовните параметри. Тогаш најавија дека новото зонирање ќе биде јавно објавено на ГИС-порталот веднаш по неговото усвојување од Советот на Град Скопје со цел секој граѓанин да има увид во која зона се наоѓа неговата недвижност.

На прашањето дали се прават измени на износите за данок на имот што ќе треба да ги платат граѓаните согласно новиот Правилник, до кога ќе трае оваа постапка и дали данокот ќе биде зголемен, нема прецизен одговор, но како што истакнуват моментално се спроведува ревизија на пазарната вредност на недвижниот имот.

Во однос на прашањето за евентуални измени на износите за данок на имот, информираме дека Градот во моментов спроведува систематска ревизија на пазарната вредност на недвижностите која исто така е законска обврска која во изминатиот период не била почитувана. Во соработка со УНДП е започнат пилот-проект за репроценка на недвижностите на територијата на Општина Центар, кој има за цел да обезбеди фер, точна и транспарентна даночна основа. Очекуваме пилот-проектот да биде завршен во следните три месеци, по што ќе следи фазно проширување на останатите општини, истакнуваат од градската администрација.

Оттаму тврдат дека целта на реформата е воспоставување фер, точен и транспарентен систем во кој сите даночни обврзници учествуваат согласно реалната вредност на својот имот, а Градот обезбедува стабилни приходи за подобра инфраструктура и поквалитетни јавни услуги.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот