„Ниту ќе има повеќе вработени, ниту повисоки плати“ — вработените во обвинителствата реагираат на предлог-законот
Вработените во јавнообвинителската служба предупредуваат дека предлог-законот за јавнообвинителска служба во сегашната форма не претставува реформски исчекор, туку пропуштена можност за спроведување на неопходните промени во јавнообвинителскиот систем.
Препорачано
„Особено загрижува што верзијата доставена до Собранието суштински отстапува од решенијата подготвени од Работната група, во која учествуваа претставници на јавното обвинителство, надлежните институции, академската заедница и меѓународните партнери. Голем дел од решенијата што беа резултат на повеќемесечна работа не се рефлектирани во текстот на законот, без притоа да биде дадено образложение за причините поради кои се напуштени“, пишува во реакцијата на вработените во јавнообвинителската служба при сите обвинителства.
Иако предлог-законот се претставува како дел од реформските процеси и исполнување на обврските од Реформската агенда, во предложениот текст, како што посочуваат, не се препознаваат клучните решенија насочени кон зајакнување на самостојноста на јавното обвинителство и издвојување на јавнообвинителската служба од системот на јавната администрација.
„Предложениот закон ги задржува постојните механизми на зависност во управувањето со човечките ресурси, не ги надминува проблемите со недостигот на кадар и не предвидува суштинско подобрување на материјалниот статус на вработените“, нагласуваат вработените во јавнообвинителските служби.
Дополнително, во верзијата што се разгледува во Собранието е задржан постојниот систем на пресметка на плати, додаваат оттаму.
„Особено загрижува што предлог-законот се претставува како значаен реформски исчекор, а при неговата анализа произлегува дека најголемиот дел од одредбите се преземени од постојниот Закон за јавнообвинителска служба, додека измените се ограничени и не обезбедуваат суштински промени во системот. Наместо да обезбеди поголема самостојност на јавното обвинителство и вистинско издвојување на јавнообвинителската служба од системот на јавната администрација, предложениот закон ги задржува постојните ограничувања, не ги надминува кадровските проблеми и не нуди решенија за долгогодишните предизвици со кои се соочува службата“, се потенцира во нивната реакција.
Вработените во јавнообвинителската служба предупредуваат дека усвојувањето на ваков предлог-закон нема да доведе до зајакнување на институционалните капацитети на јавното обвинителство, туку ќе ги задржи истите слабости поради кои реформата воопшто беше почната и ги повикуваат пратениците пред конечното усвојување на законот внимателно да ги разгледаат забелешките на јавнообвинителската служба и да обезбедат законски решенија што, како што нагласуваат, навистина ќе придонесат за самостојност, ефикасност и професионализација на јавнообвинителскиот систем.


