Работна група за изборен законик Фото: Министерство за правда

Наместо нов Изборен законик, повторно „козметички“ измени, ако опозицијата не го блокира

 Речиси е извесно дека и со новиот изборен законик ќе нема промена на изборниот модел во однос на бројот на изборни единици и ќе остане без отворени листи, што беше клучно барање на помалите партии. Тоа значи дека и на следните парламентарни избори за место во Собранието кандидатите за пратеници ќе се натпреваруваат во рамките на шест изборни единици

Собранието наместо со нов, најверојатно ќе оди со измени на Изборниот законик по препорака на работната група. Досега се усогласени околу 30 препораки. Сепак, речиси е извесно дека и со новиот изборен законик ќе нема промена на изборниот модел во однос на бројот на изборни единици и ќе остане без отворени листи, што беше клучно барање на помалите партии. Тоа значи дека и на следните парламентарни избори за место во Собранието кандидатите за пратеници ќе се натпреваруваат во рамките на шест изборни единици.

Останува неизвесно и дали воопшто Собранието ќе го донесе новиот изборен законик, кој е дел од реформската агенда, ако СДСМ, откако ја напушти работната група, се реши со т.н. филибастеринг да го блокира носењето на изборните правила.

Од работната група брифираат дека освен што се усогласени за препораките од ОБСЕ/ОДИХР, претставниците на парламентарните партии постигнале консензус и за препораките од Државната комисија за спречување на корупцијата, од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и за препораките на Државната изборна комисија.
Иако повеќето партии не се против промената изборниот модел од шест да се преточи во една изборна единица, разликите се во потребниот праг за изборен влез во Собранието, но и во начинот како македонската дијаспора да се вклучи во рамките на една изборна единица, за прагот да биде подостижен, а излезноста поголема.

Впечаток е дека тешко ќе се постигне консензус, бидејќи Алијанса за Албанците, предводена од Зијадин Села, предлага промена на изборниот модел не во една, туку во осум изборни единици кои, пак, соодејствуваат со осумте плански региони. Според предлогот на АА, бројот на пратеници што се избираат во секоја изборна единица се утврдува пропорционално со вкупниот број на население во тој регион. Така, во Скопскиот Регион би се избирале 37 пратеници, во Полошкиот – 20, во Југозападниот – 14, во Пелагонискиот – 12, во Североисточниот – 11, во Вардарскиот – 8 и во Југоисточниот и Источниот – по девет пратеници.
Најголемите партии, пак, спорат за тоа колкав да биде изборниот праг ако се оди со една изборна единица. Помалите партии бараат да нема изборен праг или тој да е максимум 2,5 отсто. ДУИ предлага изборен праг од 5 отсто од запишаните гласачи, а ВМРО-ДПМНЕ прагот да е во распон од 3,5 до 5 отсто. На барањето за изборен праг од пет отсто имало забелешка дека во таков случај ни предлагачот ДУИ не би обезбедил влез во Собранието.

Што се предлага за финансирањето на партиите

Ако воопшто успеат да го договорат изборниот модел и цензусот, партиите лесно ќе се договорат за отворените листи, бидејќи никој не ги спори. ВМРО-ДПМНЕ прифаќа една изборна единица, но да се овозможи полесен начин на гласање на дијаспората, односно електронско гласање на дијаспората со биометриска заштита на гласовите. На тој начин се зголемува базенот на гласови и прагот е подостижен.
Партиите се надеваат на компромис за платено политичко рекламирање, откако на последните избори Левица остана без финансии, иако има шест пратеника, а ЗНАМ доби од колачот на ВМРО-ДПМНЕ. Според актуелниот Изборен законик, финансирањето сега е 45 отсто за двете најголеми партии од власта и 45 отсто за двете најголеми опозициски партии. За парламентраните партии – 7 отсто и 3 отсто за вонпарламентарните партии.

ВМРО-ДПМНЕ предлага 96 отсто од парите да се распоредуваат според бројот на пратеници, за парламентарните партии и четири отсто да се делат на вонпарламентарните партии. На ова се спротивставува ДУИ, бидејќи ќе треба да земат пари за 18 пратеници. Предлогот на ДУИ е по 43 отсто за најголемите партии од власта и од опозицијата, шест за ЗНАМ и за Левица, четири отсто за парламентарни партии без пратенички групи и четири отсто за вонпарламентарни партии. За ова прашање партиите ќе продолжат да разговараат.

Се бара чаре и за многуте новопечени медиуми

Работната група бара чаре и за проблемот на пријавување на многу медиуми во Државната изборна комисија (ДИК) за платено политичко рекламирање за изборните кампањи, односно за појавата непосредно пред избори да никнуваат портали само за да земат пари, а по изборите згаснуваат. ДУИ се спротивставила на какви било измени во тој дел, но другите партии се за промена и најверојатно за ова прашање договорот ќе биде да се земат предвид само порталите кои постојат најмалку 18 месеци пред избори, се во регистарот и имаат домејн „мк“.
Од власта велат дека е хендикеп дека изборниот законик се договара без СДСМ. Не се знае дали тие ќе одат на филибастеринг или можеби на „конструктивна апстиненција“. Власта апелира СДСМ да не го блокира изборниот законик, кој е дел од реформската агенда.
СДСМ ја напушти работната група, откако власта ја укина техничката влада без консензус. Од партијата на Венко Филипче велат дека одлука ќе донесат откако ќе го видат предлогот за нов изборен законик и тоа што е договорено во него. СДСМ повторуваат дека сите опции се на маса, вклучително и филибастерингот за блокада на законикот.
Изборниот законик е еден од петте закони кој според новиот собраниски Деловник може да биде блокиран, односно за него нема временско ограничување на дискусијата. Ова значи дека опозицијата може да поднесе многу амандмани, бескрано да дискутира, да молчи со часови… за законот никогаш да не помине.
Извисувањето на предлогот за една изборна единица најверојатно повторно ќе предизвика реакција кај ЛДП. Од партијата најавија дека и тие ќе ја напуштат работната група ако нема промена на изборниот модел – една изборна единица и отворени листи. Од ЛДП најавија дека нема да го блокираат законот, но дека ќе поднесат амандмани за суштински промени, како и предлог-закон за воведување една изборна единица и отворени листи.

Од Министерството за правда соопштија дека работната група ги разгледала преостанатите отворени прашања поврзани со подготовката на измените и дополнувањата на Изборниот законик. и дека на состанокот  присуствувале претставници на институциите кои претходно доставиле предлози, мислења и препораки во рамки на процесот на подготовка на измените на Изборниот законик, за кои беа потребни дополнителни појаснувања.

„Веќе следната недела ќе бидат вградени усогласените решенија во текстот на предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, кој ќе биде доставен до членовите на Работната група за дополнителен увид и евентуални забелешки“, велат од Министерството.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот