Фото: Центар за современа уметност

ФОТО | Боксерски вреќи за „истурање на бесот“ низ Скопје, иницијатива против меѓуврсничкото насилство

На повеќе локации низ Скопје каде претежно се движи помладата популација се поставени боксерки вреќи со различни пораки против меѓуврсничкото насилство, информираат од Центарот за современи уметности, од каде посочуваат дека наместо насилство и навреди, младите треба да се поттикнат својата енергија да ја насочат кон спорт и креативност.

Фото: Центар за современа уметност

-Инспирирани од сѐ почестите случаи на врсничко насилство и загрижувачките последици што тие ги оставаат врз младите, како и од неартикулираниот бес и фрустрации кои младите сѐ почесто ги насочуваат кон своите врсници, ја реализиравме оваа урбана уметничка акција со цел да понудиме поинаква порака и поинаков избор. Наместо насилство, навреди и физички пресметки, сакаме да ги поттикнеме младите својата енергија да ја насочат кон спорт, креативност и други позитивни активности кои придонесуваат за личен развој и градење здрави односи. Во рамки на акцијата поставени се десетина боксерски вреќи на фреквентни локации и спортски маалски игралишта низ Скопје, места каде младите најчесто го поминуваат своето слободно време- велат од Центарот.

Фото: Центар за современа уметност

На вреќите се испишани пораките: „Удри во вреќата, не во човекот“, „Остави го ударот овде“ и „За удирање – вреќа. за луѓе – почит“, со кои, како што велат од Центарот, се поттикнува размислување за последиците.

-Свесни сме дека десетина боксерски вреќи не можат да го решат проблемот со врсничкото насилство, но веруваме дека можат да го свртат вниманието кон него за да не го заборавиме дека постои и дека е околу нас и да поттикнат поширока општествена дебата. Со оваа акција сакаме да ги охрабриме младите, родителите, образовните институции, локалните власти и државните институции посериозно да се посветат на овој проблем и заеднички да создаваат повеќе можности за спорт, култура, креативност и квалитетно поминување на слободното време како алтернатива на насилството кај младите- изјавија од Центарот за современи уметности.

Фото: Центар за современа уметност

Оттаму соопштија дека ваквите иницијативи имаат за цел да потсетат дека насилството не е неизбежен дел од растењето и дека секое општество има обврска да создава услови во кои младите ќе можат да се развиваат без страв, притисоци и агресија.

-Иако примарниот фокус на акцијата е врсничкото насилство, таа испраќа порака и против сите други форми на насилство во општеството, вклучително и семејното насилство и насилството врз жените. Веруваме дека секој удар што нема да заврши врз друго човечко суштество е чекор кон побезбедна и похумана заедница. Спортот, културата и креативноста не се само хоби – тие се алатки преку кои младите можат да изградат самодоверба, почит и здрави модели на однесување- подвлекоа од Центарот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот