Војислав Димитровски, директор на ЈП „Лајка“ / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

ВИДЕО | Директорот на „Лајка“ Војислав Димитровски: Трајните стационари би биле огромен трошок и нема да донесат резултати

Во стационарот на „Лајка“ во моментов има околу 200 кучиња, меѓу кои и кангали, германски овчари, белгиски малинои и питбули, кои иако важат за најопасни и најагресивни, според вработените се најмирни членови на прифатилиштето и се подготвени за вдомување

Проблемот со бездомните кучиња по скопските улици е сѐ поактуелен кај граѓаните, кои постојано бараат итно решавање на глутниците, Градот исплаќа енормни суми за каснатите граѓани, а во сета оваа мисија централна улога има претпријатието „Лајка“, кое заедно со своите стационари и дополнителни простории е сместено покрај кејот во Гази Баба.

прифатилиштето на „Лајка“ / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Стотици кучиња чекаат да бидат вдомени

„Слободен печат“ беше во посета на објектот, каде што уште на влезот нè пречекаа „домаќините“, десетина кучиња што менаџираат со просторот, а со нив беа и вработените кои, како што велат, се секогаш ангажирани и имаат полни раце работа негувајќи речиси 200 кучиња од секаква раса и големина, меѓу кои и кангали, германски овчари, белгиски малинои и питбули, за кои велат дека иако во јавноста се портретирани како најопасни, се најлесни за негување и најмирни членови на прифатилиштето.

Скопје — долина на песови и на домашни волци

Местото е поделено на неколку сектори и објекти, од кои очекувано најголем е стационарот или прифатилиштето на уличните животни, каде што има 140 регистрирани боксови, потоа до него е административниот дел од комплексот и во последниот дел се сместени двете операциони сали каде што секојдневно се третираат новозаловените улични животни.

Во разговор со староновиот директор на претпријатието Војислав Димитровски, тој соопшти дека освен регистрираните боксови, претпријатието го има проширено капацитетот со тоа што се додадени уште 40-ина боксови во надворешниот дел, со што вкупниот капацитет изнесува 180 легла, кои во моментов се речиси и исполнети.

Војислав Димитровски, директор на ЈП „Лајка“ / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Се бара чаре за зголемување на капацитетите

Токму и затоа во изминатиот период повеќепати во Советот и на настаните одржани од „Лајка“ се спомнуваше проширувањето на капацитетите, кое градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски го најави уште пред четири месеци, кога изјави дека во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство се работи на план за менување или проширување на моделот на работа на „Лајка“ – залови, третирај, врати на улица, а најави и дека кај стационарот ќе се изгради голем парк за разонода на животните, кој ќе биде отворен за посетителите, со што целокупната инвестиција за претпријатието треба да изнесува 30 милиони денари.

„Лајка“ ќе добие 30 милиони денари за нови боксови и проширување, „Безбеден град“ ќе го спречува дотурот на кучиња

Денес, освен во раководството, сè уште нема конкретни промени во ситуацијата со проширувањето, а токму на оваа тема разговаравме и со Димитровски, кој изјави дека процесот за изнаоѓање на нова локација е во тек, а се размислува и на проширување на постојното прифатилиште, каде што пречките се правни и поврзани со ДУП и ГУП на Скопје, но во секој случај, проширувањето иако е потребно, тоа ќе потрае и нема да се случи одеднаш.

– Разгледуваме дали има реална можност овде да се зголеми капацитетот на јавното претпријатие или да отидеме на друга локација што ќе го зголеми капацитетот. Разговараме веќе со некои од општините за наоѓање соодветна друга локација за нов објект. Колку што јас имам информација, веќе се определени финансии за оваа намена. Сепак, тоа не е брза постапка, затоа што од моментот на одлука до моментот на реализација, има многу процеси на одобрување, на наоѓање локација, адаптација на локацијата, потоа изградба и изнаоѓање инфраструктурно решение и негова реализација, така што тоа ќе потрае – вели Димитровски.

 

Бездомно куче сместено во прифатилиштето на „Лајка“ / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Приватните ветеринари ќе третираат бездомни кучиња

Во меѓувреме, додека се бара решение како ќе се прошири „Лајка“, Димитровски за „Слободен печат“ изјави дека се наоѓаат алтернативни со кои привремено ќе се зголемат капацитетите, а тоа ќе се стори преку, како што вели тој, дисперзирање на капацитетите на повеќе локации низ Скопје. Во овој проект ќе бидат вклучени приватните ветеринарни здруженија и амбуланти, кои ќе станат дел од транзит системот на „Лајка“, ќе ги третираат животните и привремено ќе ги чуваат.

– На таков начин, всушност, ќе го зголемиме капацитетот времено. Тоа се вика дисперзирање на работата на јавното претпријатие на таков начин што општините кои немаат прифатилишта, работат со регистрираните ветеринарна друштва, така и функционира. Тоа е ангажирање паралелно на повеќе ветеринарни друштва, со цел истовремено со нас да го решаваат проблемот. На таков начин, секое ветеринарно друштво има определен капацитет, кој може на дневна основа да го зголеми нашиот капацитет на работа – вели Димитровски.

Тој смета дека овој систем ќе помогне со зголемувањето на бројот на третирани животни на годишно ниво, а неговата проекција е дека оваа година треба да има над 2.000 третирани животни. Според директорот, откако ќе започне соработката со регистрираните ветеринарни здруженија, кои во Скопје ги има околу 20, бројот на третирани животни ќе се зголеми за уште 700 или 800 кучиња.

Системот е добар, трајни стационари не се решение

Во јавноста многупати се отвораше дилемата за системот на работа на „Лајка“ – залови, стерилизирај, врати – за кој граѓаните имаат поделени ставови и на моменти го потценуваат „транзит системот“ и бараат изградба на стационар што трајно ќе ги вдомува бездомните кучиња и ќе биде надвор од градското подрачје.

Нерегулираното размножување на нечипирани и нестерилизирани миленици е главна причина за глутниците низ Скопје

Димитровски смета дека овој систем е ефикасен и е најдобар во однос на зачувување на благосостојбата на кучињата, па затоа нема потреба да се менува, само треба да се промени фокусот кон изворот на проблемот – контрола и стерилизација на сопственичките кучиња. Тој изјави дека таквиот тип стационари само ќе го зголемат трошокот на државата и на општините, ќе се „натрупуваат“ кучиња и иако ќе имаат подолг животен век, тие ќе живеат во лоши услови.

– Меѓународните организации и експерти по благосостојба на кучињата имаат сериозни забелешки на таквиот начин на функционирање. Кучињата во таква средина се многу лошо третирани. Второ, затоа што тие животни, ако просечниот век на улица изнесува околу две-три години, таму векот на живеење се зголемува од 12 до 15 години во една ограничена атмосфера, што значи дека во тој момент градот, државата или општините што ќе отидат во такво решение, ќе треба тие кучиња да ги одгледуваат многу години. Ако ние во нашата држава не го спречиме изворот, односно таму најголем дел од изворот се сопственичките кучиња, во таков случај ние ќе имаме натрупување нови кучиња, кои ќе носат нови трошоци на граѓаните, а всушност проблемот повторно ќе го имаме на улица – вели директорот.

прифатилиштето на „Лајка“ / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Според него, проблемот треба да се решава паралелно со превенција на нови размножувања и третман на бездомните кучиња, а потоа и со вдомување од страна на граѓаните, бидејќи трајното вдомување во стационар, како што вели, никаде не вродило плод и создава уште еден нов проблем.

На последните советнички прашања во Советот на Град Скопје, Димитровски соопшти дека во 2023 година во Скопје имало околу 4.100 улични кучиња од кои 48 отсто биле стерилизирани, додека пак бројот на домашната популација изнесува околу 40.000 миленици, од кои, како што вели тој, само 8,9 отсто се стерилизирани.

– Оттука се гледа дека изворот главно доаѓа директно од домашната популација на кучињата – заклучи директорот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот