Македонски пасош / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Народот плаќа, МВР молчи — договорите за изработка на пасошите прогласени за „доверливи“

Изработката на пасоши, лични карти и возачки дозволи во последните пет години го чинела Министерството за внатрешни работи 29 милиони евра, додека граѓаните за добивање на овие документи платиле вкупно 73 милиони евра. Разликата меѓу сумата што ја платило МВР и она што го платиле граѓаните изнесува 44 милиони евра, објавено е во новиот Извештај на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Најголем дел од парите што ги платиле граѓаните се однесува на пасошите. За пет години, за издавање пасоши биле платени дури 60 милиони евра.

Личните документи ги изработува германска компанија која првпат го добила тендерот пред 21 година. Станува збор за „Гисеке и Девриент“ (Giesecke+Devrient), на која во 2005 година ѝ бил доделен договорот за обезбедување електронски пасоши, лични карти и возачки дозволи, како и систем за персонализација на документите.

Според тогашното соопштение на самата компанија, договорот бил склучен на период од 11 години, со вкупна вредност од 23,5 милиони евра. Проектот требало да почне во 2005 година, а првите електронски пасоши и лични карти да им бидат издадени на граѓаните веќе во 2006 година. Нарачката опфаќала 1,5 милиони пасошки документи со интегрирани микрочипови, 1,8 милиони лични карти и 500.000 возачки дозволи, како и опрема за централизирана персонализација, собирање, складирање и подготовка на податоци.

Од тоа произлегува дека првичниот договор истекол во 2016 година. Но, Министерството за внатрешни работи не открива кога, како и под кои услови договорот бил продолжуван до денес.

Договорите се кријат како „доверливи“

Центарот за граѓански комуникации на 6 април 2026 година доставил барање до МВР за сите релевантни податоци поврзани со набавката за изработка на лични документи. Но, клучните информации Министерството ги прогласило за класифицирани со степен „доверливо“.

Како доверливи се означени договорите, основните и анексите, што МВР ги има склучено со економскиот оператор Giesecke+Devrient за набавка на обрасци за пасоши, лични карти и возачки дозволи. Како доверлива информација е означен и правниот основ, односно врз основа на кој закон се склучени договорите. МВР не го открива ниту бројот на набавени обрасци за лични документи во периодот од 2021 до 2025 година, по вид на документ и по години.

Во одговорот од МВР се наведува дека дел од бараната информација, врз основа на закон, претставува класифицирана информација со соодветен степен на класификација. Министерството наведува и дека бил спроведен задолжителен „тест на штетност“, при што било утврдено дека со давањето на дел од бараните информации ќе имало последици врз работењето на Министерството. Не е наведено за какви последици станува збор.

Со ваквиот пристап, целиот договор и неговите анекси остануваат надвор од увидот на јавноста. Тоа го ограничува увидот во финансиските и договорните аспекти на набавката, иако станува збор за документи што ги користат и ги плаќаат сите граѓани.

Според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, доколку одреден документ или негов дел содржи доверливи информации, тие треба да се издвојат, а остатокот од документот да му се достави на барателот. Тоа значи дека ако договорите содржат технички спецификации, безбедносни елементи, заштитни карактеристики, начини на персонализација или други чувствителни детали, тие делови може да бидат заштитени. Но тоа не значи дека целиот договор, вклучувајќи ги предметот на набавката, вредноста, времетраењето, договорните страни, анексите, начинот на склучување и обврските на договорниот орган, треба автоматски да биде недостапен за јавноста.

Нема нов тендер од 2005 година

Иако Законот за јавни набавки е усогласен со директивите на Европската Унија и предвидува високо ниво на отчетност и транспарентност, јавноста со години нема увид врз основа на какви договори и под кои услови се набавуваат обрасците за личните документи.

По истекот на првичниот договор, МВР не спровело нова постапка за јавна набавка на обрасци за лични документи. Во периодот од 2018 до 2020 година биле објавени пет постапки за „консултантски услуги за изготвување на проектна документација која ќе се користи при извршување на набавка на услуги за изработка на биометриски документи“. Сите пет постапки биле поништени затоа што не била доставена ниту една прифатлива понуда.

По поништувањето на овие постапки, Министерството не објавило нова постапка за набавка на обрасци за лични документи, туку продолжило да работи со истиот добавувач без јавен оглас и без примена на конкурентна постапка.

Единствено јавно достапни се договорите за техничка поддршка и одржување на единствениот електронски систем за лични документи, склучени со германската компанија „Veridos GmbH“, основана од „Giesecke+Devrient“. Овие договори се склучувани преку постапка со преговарање без претходно објавување оглас, со времетраење од 36 месеци. На Електронскиот систем за јавни набавки се објавени договорите склучени во 2021 и во 2024 година.

Во меѓувреме, нема најава за нов тендер за изработка на лични документи. Во април 2025 година, МВР склучило договор со Друштвото за консалтинг „Таргет Комуникации“ од Скопје, за испитување на можностите целиот процес – од производство до издавање лични документи – да се врши на територијата на државата.

Без бројки нема контрола врз цената

Едно од клучните прашања е зошто бројот на набавени обрасци за пасоши, лични карти и возачки дозволи е прогласен за доверлива информација. Барањето се однесувало на вкупен број на набавени обрасци по вид на документ и по година, а не на безбедносни карактеристики, сериски броеви, логистика, испораки, складишни локации или технички детали за производство.

Таквите статистички податоци се важни за јавната контрола врз трошењето на буџетските средства. Ако не се знае колку обрасци се набавени, не може да се процени дали цената е разумна, дали количините биле реално планирани и дали договорот е економски оправдан.

Во последните пет години, МВР му платило на добавувачот 29 милиони евра. Тоа е повеќе од сумата што била платена за првите 11 години од договорот, чија вредност изнесувала 23,5 милиони евра. Овој податок го отвора прашањето дали се зголемувале цените на обрасците и техничката поддршка, дали биле зголемени количините или постојат други договорни околности што јавноста не може да ги провери.

Нема уставна пречка за забрана на двојното државјанство

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот