Македониумот со поставените решетки / фото: социјални мрежи

„Прават кокошарник од Македониум“, коментар на Лира Грабул – сопственичка на авторските права на споменикот

Лира Грабул, ќерка на Јордан и Искра Грабул, автори на споменикот Македониум во Крушево, во чија сопственост се авторските права на ова уметничко дело, во изјава за порталот „Рацин“ вели дека е запрепастена од „кокошарникот на галериите“, коментирајќи го тоа што се поставени големи метални шипки на споменикот.

Запрепастена сум од кокошарников на галериите… многу креативно! Среќа што авторите не се со нас. Не сум за ништо известена, запрепастена сум, вели револтирано Лира Грабул, наша врвна уметница и професорка по уметност за „Рацин“ додавајќи дека авторските права се на семејството Грабул.

Реконструкцијата на споменикот „Илинден“ во Крушево, познат и како Македониум, деновиве започнала, а на галериите со витраж од надворешната страна се поставени решетки, за да се спречи да влегува вода додека траат работите.

Споменикот, дело на Јордан Грабулоски и Искра Грабул, е изграден пред 52 години, а во него се наоѓа гробот на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев. Куполата на Македониумот, како и многу други споменици, со години беше запуштена и неодржувана. Поради долгогодишното прокапување, во ноември лани споменикот „Илинден“ беше прогласен за културно добро во опасност. На објектот се видливи траги од оштетување направено од влага, а при секој дожд, во неговата внатрешност буквално се прават езерца.

„Со цел да се заштитат галериите со витражи кои имаат големи оштетувања, како и стаклените галерии, на лице место се монтира челичната конструкција која веќе е изработена. А е изработена од кутијести профили со различни димензии. Ќе биде поиставена на вкупно 8-те галерии со стакло и на галериите со витраж од надворешната страна на првото и на второто ниво од Споменикот. Над конструкцијата се поставува лексан со дебелина од 16 милиметри. Со ова ќе постигнеме да не протекува повеќе вода во споменикот“, изјави неодамна Сузана Грибовска, советник конзерватор, архитект во Заводот и музеј-Прилеп.

За проектот за заштита на Македониумот се предвидени околу 90.000 евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот