Превртени трансформатори тешки над 30 тони во електровлечната потстаница Драчево – украдена опрема од 5 милиони евра
Во електровлечната потстаница Драчево, која се наоѓа меѓу железничките станици Лисиче и Драчево, е извршена кражба од големи размери, при што е уништен значаен дел од електроенергетската опрема на железничката инфраструктура, информираат од „МЖ Инфраструктура“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
При кражбата биле насилно превртени два големи електроенергетски трансформатори, секој со тежина од повеќе од 30 тони. Од нив било испуштено и истурено трансформаторско масло, а бакарните намотки и другите вредни компоненти биле целосно отстранети и украдени.
Од потстаницата биле украдени бакарни жици, бакарни шини и прачки, како и речиси сите уреди, а објектот е доведен во состојба на целосна нефункционалност.
-Овој настан не претставува само кражба на бакар и опрема, туку тежок напад врз критичната железничка инфраструктура и имотот на државата и граѓаните. Оштетувањето на објекти од ваков вид може да предизвика сериозни последици за безбедноста, стабилноста и редовното функционирање на железничкиот сообраќај – велат од „МЖ Инфраструктура“.
Оттаму додаваат дека според првичните проценки, директната материјална штета изнесува околу 5 милиони евра.
Од „МЖ Инфраструктура“ апелираат до надлежните институции случајот темелно и итно да биде истражен, а сторителите, како и сите лица вклучени во кражбата, транспортот и понатамошното отуѓување на украдените материјали, да бидат идентификувани и да понесат соодветна одговорност.


