Фото: МИА

Железничката инфраструктура на колена: Загуби ќе брои домашната индустрија, странците ќе нè заобиколуваат

Ако потрае подолго санацијата на мостот на Црна Река, не само што може да дојде до раскинување на договорите со Железница-Инфраструктура, туку може да дојде и до плаќање отштети

Домашните компании прават пресметки колку пари ќе загубат откако во целост прекина железничкиот превоз од Гевгелија кон Велес кога поради напукнат мост се затвори железничкиот превоз, но и самата железница што и онака има големи финансиски проблеми, ќе има уште помалку пари затоа што странските компании што носат стока од Солунското пристаниште кон Европа, нема да може да продолжат преку нашата пруга, а секако тоа значи помалку пари во касата на Железница-Инфраструктура. Ова е уште еден удар за домашниот патнички железнички сообраќај што полека исчезнува.

Железничкиот сообраќај е во прекин од 14 ноември, кога машиновозачот за среќа забележал вдлабнатина на самата пруга, го застанал возот и повикал екипа од Железница. Констатирано е дека бетонскиот столб на мостот на Црна Река е пукнат.

Оваа негрижа за железничката инфраструктура сега дебело ќе се плати. Од „Макстил“ велат дека пред две години кога на истиот мост беше оштетен другиот столб, тие бараа санација и на сега оштетениот.

„Ова е само последен од низата настани што ни го прават железничкиот транспорт речиси невозможен. Нашето производство и продажба зависат од железничкиот сообраќај, а во изминативе години состојбата континуирано се влошува. Во ист кош се и другите корисници на товарен железнички транспорт во државата, а да не зборуваме за тоа дека е во прекин и целиот меѓународен транспорт“, изјавија од „Макстил“ за „Фактор“.

Со сличен став е и „Макпетрол“ од каде што изјавија дека трпат штети, значајно им е отежнато работењето, а ќе им се зголемат трошоците.

– Без разлика на моменталната состојба, пазарот редовно ќе биде снабдуван со нафтени деривати. Се надеваме дека надлежните што поскоро ќе го надминат проблемот и железничкиот сообраќај ќе продолжи да функционира нормално – информираа од компанијата.

Во Бизнис планот на МЖ-Транспорт пишува дека се очекува зголемување на обемот на сообраќај поради очекуваното подобрување на стопанските активности во 2023 година. Планот бил да се надминат возните километри дури за 64,17 проценти.

Поранешниот генерален директор на Железница-Транспорт Никола Костов вели дека ако итно не се интервенира и не се направи нешто за да не се нормализира железничкиот сообраќај, не само што ќе ги загубиме договорите со странските компании што вршат превоз преку нашата железница, туку може да се случи да мораме да им плаќаме и отштета, затоа што тоа нив ќе ги чини пари.

– Железницата не само што има обврска кон домашните компании со кои има склучено договор, туку има обврска и кон странските партнери и тие мора да се почитуваат. Ако санацијата трае подолго, странските партнери ќе ја превезуваат стоката од солунското пристаниште преку пругата на Бугарија. Така, полека ќе губиме партнерите, нашата пруга ќе биде заобиколена и заборавена – вели Костов.

Тој потенцираше дека ова што сега се случи, покажа колку е важно да се направи пругата од Битола кон Лерин, како алтернатива затоа што Коридорот 10 за нас е од исклучителна важност.

Ако е за утеха, барем имаме доволно товарни возила за го извршат превозот како за домашните, така и за странските компании за кои пругата ќе заврши кај Гевгелија.

– Ние секога сме биле надополнување на сите превози што се ограничени со својата инфраструктура, како што железничкиот, бродскиот превоз и авиопревозот. Големите домашни компании, еве како на пример „Макстил“, постојано работи и со Железница, но и со товарен патен сообраќај, па во ваков случај на сопрен железнички сообраќај, исклучиво го користат патниот, но тоа се специјални камиони, специјални транспортери со кои тие имаат договор. Нашите превозници во 99 отсто од случаите возат меѓународен превоз. Притоа имаме и повеќе капацитет отколку што треба. Во однос на бројот на товарни моторни возила по глава на жител, споредено со другите земји, ги имаме повеќе. Но тука е проблемот на застареноста на товарните возила. Како и да е, можеме да одговориме на сите барања за патен сообраќај – вели Билјана Муратовска, претседателка на асоцијацијата „Макам транс“.

Според последните ажурирани податоци на МЖ-Транспорт во Бизнис планот за 2022 година, вкупниот инвентарски парк на товарни вагони изнесува 1.204 вагони, од кои со важечка ревизија се 582 и за ревизија се 621 вагони од сите серии.

„Освен 150-те нови вагони од серијата Ц и Е, структурата и видот на товарни вагони не одговара во целост на потребите за превоз по видови стока. Старосната структура е неповолна, експлоатацискиот век се движи помеѓу 37 и 42 години и според бараните стандарди на УИЦ и РИВ потребно е да се реконструираат, а дел од нив да се касираат“, пишува во Бизнис планот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот