Теодора Силјаноска, театарска режисерка

Разговор со театарската режисерка Теодора Силјаноска: Највредното што можеме да си го подариме едни на други е човечноста

Претставата „Кокошка“ во режија на Теодора Силјаноска, реализирана во продукција на независниот театар „Вортекс“ и копродукција со НУ Театар „Комедија“, постигна одличен меѓународен успех, а на домашен терен го покажа силниот порив на независната сцена.

Театарската режисерка Теодора Силјаноска има повеќе причини да биде горда на својата работа. Пред сѐ, тоа е одличната претстава „Кокошка“, која ја постави со фантастична актерска екипа и, на крајот, е успехот што претставата го постигна на меѓународен план.

Во претставата играат Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ане Блажовски, Ванеса Тримчевска, Toме Станковски и Кристина Гиева, а режисерката Силјаноска ни ги открива сите убави моменти што ги доживеале со претставата.

Независниот театар „Вортекс“ за претставата „Кокошка“ доби специјална награда на фестивал посветен на авторот на текстот Николај Кољада во Русија. Како се случи гостувањето на фестивалот, каква награда добивте и какви емоции ви создаде наградата?

– Го следам овој фестивал одамна и кога беше објавен отворениот повик, ја испративме нашата апликација. Од 95 пријавени претстави, „Кокошка“ најпрво се најде на долгата листа на избрани претстави, што за нас веќе беше големо признание. Вистинската големина на домаќините ја почувствувавме уште од почетокот. Тие направија сѐ нашето учество да се реализира и се погрижија секој детаљ од престојот да биде беспрекорно организиран. Уште еднаш се заблагодарувам за таа грижа и посветеност.

Самото присуство на фестивалот веќе беше награда. Силната конкуренција, исклучителните одгледани претстави, новото познанство со голем број уметници само по себе е искуство што не може да се измери. Специјалната награда на „Кољада театар“ пристигна откако се вративме дома. Таа беше убавото заокружување на ова патување и потврда за нашата работа и голем труд што го вложивме. Претставува силна мотивација да продолжиме да создаваме со истата верба, љубопитност и љубов кон театарот.

Екипата на „Вортекс“ во Екатеринбург, Русија

Претходно две награди добивте и на фестивал во Приштина, а македонската премиера на „Кокошка“ се одржа во ноември минатата 2025 година. Зошто се одлучивте за поставување на драмата „Кокошка“ од Кољада на македонската независна сцена?

– Она што ме привлече кон „Кокошка“ е чувството на слобода што го носат ликовите. Нивната непосредност, нивната едноставност, способноста да живеат со своите маани и доблести без постојано да се оправдуваат, за мене претставува простор на кој и самата постојано му се навраќам. Тоа е потрагата по слободата – лична, човечка, а на крајот и креативна.

Кај Кољада постои и познатата чеховска мечта за некаков подобар, поубав живот, но овде таа е изместена во еден свет каде што апсурдот, нежноста, страста и ранливоста постојат истовремено. Тој свет ти дозволува да талкаш, да грешиш, да се смееш и да останеш свој. Токму во тоа ја гледам неговата убавина.

Верувам дека, особено кога си млад, важно е да си дозволиш да не ги знаеш сите одговори. Да ја зачуваш желбата да леташ, дури и кога не знаеш како. Тој основен порив да сонуваш, да сакаш, да веруваш без гаранција дека сонот ќе се оствари – ме поттикна да ја поставам оваа драма.

Она што ме привлече кон „Кокошка“ од Кољада е чувството на слобода што го носат ликовите

Низ каков процес на подготовка поминавте заедно со актерската екипа, имајќи предвид дека сите актери во претставата имаат различен бекграунд?

– Овој процес за мене беше уште една потврда дека посветеноста и искрената желба за создавање можат да ги надминат сите околности. Тоа е нешто што секој што работи на независната сцена, добро го знае, но со „Кокошка“ сите повторно си го докажавме. Кога луѓето веруваат во истата идеја, разликите во искуството, возраста или професионалниот пат не стануваат пречка, туку предност. Ништо од ова немаше да биде исто без оваа актерска екипа и без соработниците што беа дел од процесот.

Со поголем дел од актерите сме колеги уште од факултетските денови. Се познаваме добро, сме растеле заедно низ различни проекти и токму затоа меѓу нас постои доверба која не мора постојано да се докажува. Таквата топла атмосфера е мирен и безбеден простор во кој можеме само слободно да истражуваме и заеднички да го градиме светот на новата претстава.

Со Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, пак, имав чест за првпат да соработувам. Нејзиниот неспорен и докажан талент и професионализам беа вистински подарок за овој процес и за мене. Но, нејзината безрезервна доверба, љубов и поддршка ќе бидат нешто што ќе го носам со себе засекогаш, како потсетник дека највредното што можеме да си го подариме едни на други е човечноста.

Кога и со какви цел и мисија е основан независниот театар „Вортекс“?

– Театар „Вортекс“ веќе четири години активно создава од еден едноставен и силен порив, да имаме заеднички простор за повеќе театар, за остварување на нашите идеи и креативни пориви. Создаден е од љубов кон сцената и од желбата да продолжиме да работиме слободно и посветено. За нас „Вортекс“ е место каде што сите наши идеи може да добијат свој живот, а ние како млади уметници да го стекнуваме своето искуство и да истражуваме.

Сцена од претставата „Кокошка“

Колку проекти имате реализирано со „Вортекс“ и кои се следните проекти што се во план за реализација?

– До денес, Театар „Вортекс“ реализираше неколку театарски проекти, меѓу кои се претставите „Слугинки“, „Делириум за двајца“, „Кучешко срце“ и „Кокошка“. Покрај продукциската работа, остваривме и неколку успешни работилници посветени на различни теми и форми на театарско истражување. Во наредниот период продолжуваме со нови предизвици. Во план се уште две нови претстави до крајот на годината.

Како се случи да станеш театарска режисерка и што најсилно те повлече кон оваа прекрасна професија?

– Мојата првична привлечност кон театарот била една сосема невина потреба да се занимавам со некаква уметност што магично ги поврзува во себе сите други уметности и ги прави живи и хармонични во еден простор. Не беше нешто однапред испланирано, ниту пат што свесно сум го избрала од самиот почеток. Но, отсекогаш единственото нешто што ми било блиско е уметноста, пишувањето, поезијата и потребата за изразување.

Денес, со секој нов ден и секое ново искуство, љубовта кон театарот станува сѐ поголема. Театарот е простор во кој смислата постои, се создава и те прегрнува, место каде што различните уметности се среќаваат и каде што жедта за средба и убавина сѐ уште има сила.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 341, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.7.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот