Вајарот Андреј Митевски со изложбата „Торза“ се претставува во галеријата „Култ“ во Охрид
Во галеријата на културниот центар „Култ“ во Охрид, на 24 јули, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложба на скулптури „Торза“ на вајарот Андреј Митевски и истата ќе може да се посети до 31 јули. Воведен текст кон изложбата напиша историчарката на уметност Јасмина Котевска.
Препорачано
Андреј Митевски е автор со повеќедецениска творечка дејност, со јасно изграден и препознатлив уметнички јазик. Во текот на својата богата кариера реализирал бројни самостојни изложби во земјата и странство и учествувал на значајни меѓународни изложби и скулпторски симпозиуми низ светот. Неговото творештво сведочи за една постојана посветеност на истражувањето на формата, материјалот и просторот.
– Но, она што особено го издвојува неговото дело е неговиот однос кон каменот. Кај Митевски каменот не е само материјал што треба да се совлада – тој е жив медиум, материја која во себе веќе ја носи потенцијалната форма. Авторот не ја наметнува формата, туку внимателно ја открива и ја ослободува.
Во оваа изложба, малите формати изработени во мермер, камен, оникс и стакло ни го откриваат неговиот препознатлив свет – свет на суптилни женски торза и торза на ангели, форми сведени до самата суштина, ослободени од непотребното, форми исполнети со силна емотивна и духовна енергија.
Женските торза во неговото творештво се вистинска ода на убавината и хармонијата. Тие не се само претстава на телото, туку истражување на неговата суштина.
Сензуалноста на овие дела не произлегува од нагласеноста, туку од суптилноста на формата и истата е содржана во благите премини, во ритамот на линијата, во мекото движење на површината и во начинот на кој што светлината го допира мермерот и ја открива неговата внатрешна живост. Тоа се скулптури кои се допираат со око, каде гледачот визуелно воспоставува тактилен однос со формата – без физички допир а со мисла и чувство успева да ја почувствува совршеноста на телото. Во таа смисла, торзата на Митевски ја надминуваат материјалната форма и стануваат искуство на сетилноста, меморијата и внатрешното доживување. Тие не го прикажуваат само телото, туку она што останува зад телесното – а тоа е тивката присутност на убавината.
Бенедето Кроче, сметал дека вистинската уметност се раѓа од интуицијата – од внатрешната визија на уметникот која преку изразот добива материјална форма. Уметничкото дело не е само резултат на занаетчиско мајсторство, туку преобразување на едно внатрешно доживување во нешто што може да биде споделено со другите.
Кај Митевски токму тоа го препознаваме – материјалот станува носител на една внатрешна визија. Каменот престанува да биде само камен и станува мисла, чувство, сеќавање и присуство. Неговите скулптури се тивки, но не и неми. Тие говорат со јазикот на хармонијата, на светлината и сенката, на полното и празното. Во време кога современата уметност често се движи кон фрагментација, немир и деструкција, Митевски нè враќа кон една поинаква естетика – естетика на тишината, на рамнотежата и на убавината како универзална човечка вредност – напиша Јасмина Котевска.


