Фото: freerangestock.com / CC0

По епидемијата во Гостивар — бактерии, арсен и сомнежи за водата и во други градови

По предупредувањето водата да не се користи за пиење во Валандово, бактериолошки неисправна излезе и водата во Крушево, а има сомнежи и за исправноста на водата во Велес.

По кризата со водата и епидемијата во Гостивар, во јавноста излегоа предупредувања, но и извештаи дека водата е загадена и низ други градови во Македонија. Неколку денови откако букна скандалот во Гостивар, прво беше најден арсен во водата во Валандово, фекални бактерии во водата во болницата во Лешок, водата во Крушево беше посочена како неисправна, а се изнесоа сомнежи за водата во Велес.

„Комунален сервис“ Валандово предупреди водата да не се користи за пиење сè додека не се добијат резултатите што ќе ја потврдат нејзината исправност. Тогашното ниво на арсен во водата изнесуваше 14, а максималната граница е 10.

„Водата може да се користи исклучиво како техничка вода. ЈП Комунален сервис – Валандово веќе ги презема сите потребни активности и врши дополнителни анализи и контроли на квалитетот на водата, во соработка со надлежните институции. За сите понатамошни резултати и препораки, јавноста ќе биде навремено известена“, соопшти претпријатието.

По Гостивар, аларм и во Валандово — арсенот во водата за пиење е над дозволеното ниво


Денеска истото претпријатие ја укина забраната за пиење на водата откако добиле нови резултати од анализите што ги извршил Институтот за јавно здравје, според кои водата од градскиот водовод ги исполнува законски пропишаните услови за квалитет и е безбедна за пиење и секојдневна употреба.

Водата во Валандово повторно може да се пие, градоначалникот вели: „Многумина наседнаа на приказни“


Бактериолошки неисправна излезе и водата во Крушево, па јавното претпријатие „Комуна“ им препорача на локалните жители за пиење да користат флаширана вода. Во соопштението нема детали за тоа што покажала анализата, односно на кој точно начин водата е бактериолошки неисправна.

И крушевската вода е бактериолошки неисправна, надлежните ги повикаа жителите да пијат само флаширана

„Исто така, при испитувањето на крајпатните чешми ’бензинска пумпа’ и ‘Св. Петка’, односно примероците земени на 20 јули, е констатирана бактериолошка неисправност и истите не смеат да се користат како вода за пиење“, нагласуваат од претпријатието.

Според „Комуна“, водата од градскиот водовод, како вода за лична хигиена, приготвување на храна, перење и миење на садови, жителите можат да ја користат само после превривање од минимум 10 минути.

 

Водата не е за пиење ни во болница во Лешок

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче пак објави дека загадена вода се користела и во Болницата за белодробни заболувања во Лешок. Филипче објави документи од Центарот за јавно здравје Тетово кои покажуваат дека во водата биле најдени бактерии како и во водата во Гостивар.

– Извештајот за тестирање на безбедноста на водата е од примерок земен од Болницата за белодробни заболувања во Лешок. Датумот на завршување на испитувањето е 13 мај. Вкупниот број колиформни бактерии во 100 милилитри вода е 51. Примерок од чешма од болницата каде што се лекуваат луѓе. 51 колиформна бактерија на 100 милилитри вода. И пишува дека не соодветствува на квалитетот на вода што е потребна за пиење. И ова е во болницата во Лешок, на крајот на мај, а никој не реагирал. Знаат ли овие луѓе што прават? Какво е ова менаџирање на институција? – рече Филипче.

Директорката што ја водела болницата, во изјава за медиумите тврди дека водата што ја добиваат се користи исклучиво како техничка и дека пациентите и персоналот не ја пијат таа вода. Тврди дека никогаш досега никој немал симптоматологија што би го докажала спротивното.

СДСМ побара вонредни анализи на водата за пиење и во Велес и во околните населени места. Конкретно во Велес СДСМ побара да се проверат сите водоводи бидејќи последните наоди и стручни мислења што се јавно објавени, покажуваат дека речиси секаде во селските водоводи има ешерихија коли, индикатор за фекално загадување, па дури и во училишта.

Барање да се испита водата во сите градови

„Нема никаква информација каква е сега состојбата, дали општината и централната власт нешто презеле. Советниците на СДСМ бараат и посебна точка на дневен ред за состојбата со водата во Велес. Откако за неколку дена добивме загадена вода во Гостивар, Валандово, Лешок и Крушево, не може да се молчи. Сега СДСМ бара итна и целосна проверка на водата за пиење во сите градови и општини во Македонија. Без исклучок, без селективност и без прикривање на резултатите. Нема да дозволиме Мицкоски и ВМРО-ОКГ да ја отрујат цела земја. Граѓаните имаат право да знаат што пијат. А оваа власт има обврска конечно да одговори – не со изговори, туку со факти и со чиста вода“, реагираат од СДСМ.

И во водата во болницата во Лешок имало бактерии, Филипче објави документи

За ВМРО-ДПМНЕ ваквите барања се ширење паника и воајеризам.

„СДС и Венко Филипче повторно ја злоупотребуваат кризата за ширење паника. СДС продолжува со истата политика да шири паника кај граѓаните, дезинформации и конструкции. СДС исто како со пожарите минатата година, денес ликува на водата. СДС и Филипче собираат политички поени врз грбот на граѓаните во Гостивар. СДС и Филипче немаат одговорност, не нудат решенија туку креираат став и вознемиреност кај граѓаните. СДС и Филипче наместо да придонесат со решенија и да покажат чувство за одговорност, повторно избираат да шират паника и да ја злоупотребуваат секоја актуелна тема за политички маркетинг. Граѓаните заслужуваат точни информации, транспарентност и институции што работат во нивен интерес, а не политички спектакли изградени врз шпекулации и сензационализам. Брзата реакција на владините институции ќе го реши проблемот во Гостивар во експресен период. Кадарот на Филипче и коалицијата во Гостивар предводена од СДС, ДУИ и Таравари, нема капацитет да ја води општината“, тврдат од владејачката партија.

Водата од градскиот водовод во Гостивар сè уште не е исправна ниту за пиење – ниту за користење како техничка, покажаа тестирањата кои ги спровеле стручњаци од скопски „Водовод“ во Гостивар.

– Шест од примероците што се земени низ локации во Гостивар се хемиски неисправни, имаат отстапување во однос на резидуалниот хлор, додека кај сите е забележано отстапување и во микробиолошката исправност. Тоа се должи на недоволниот процес на извршување на дезинфекција. Затоа, денеска е заменет типот на хлоринаторот кај каптажата, со што започнато е хлорирање со повисока доза на хлор, со концентрација која е малку повисока од вообичаената, но е секако безбедна. Ќе продолжиме континуирано да земаме примероци од истите локации, со цел да имаме увид какви ќе бидат резултатите. Процесот ќе трае додека не констатираме дека водата е добра за пиење. Кога водата ќе биде безбедна за пиење, ќе биде известен кризниот штаб. Кога примарната мрежа ќе биде исчистена, постепено и секундарната мрежа, кај главниот корисник ќе дојде до исправна вода – кажа Емилија Аневска од скопски „Водовод“.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој го предводи Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, кажа дека се вршат напори гостиварци до крајот на неделава да добијат техничка вода, а до крајот на следната недела и вода за пиење.

По загадувањето на водата во Гостивар, Левица бара сите стратешки објекти да ги чува Армијата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот