Апел од ЈП „Паркови и зеленило“ – поради најавеното нестабилно време, скопјани подобро да не паркираат под дрвја
Скопјани да не ги паркираат своите возила под дрвја и да не се задржуваат во близина на висока вегетација затоа што Управата за хидрометеоролошки работи најавува нестабилно време, проследено со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, апелираат од ЈП „Паркови и зеленило“.
Препорачано
Целта е, како што велат, да се намали ризикот од несакани последици доколку повторно се случи силно невреме како претходното.
Оттаму советуваат граѓаните да пријават доколку забележат паднато дрво.
-Доколку забележите паднато дрво, скршени гранки или друга опасност предизвикана од временските непогоди, ве молиме веднаш да пријавите на телефонскиот број за итни случаи 112 или на дежурните телефонски броеви објавени на веб-страницата на ЈП „Паркови и зеленило“ – велат од претпријатието.
ФОТО+ВИДЕО | Бесно невреме удри врз Скопје — орканскиот ветер корнеше покриви, кутна стотици дрвја
Според прогнозата на УХМР од утрово, во Скопје денеска времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни. Во делови од котлината ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Ќе дува слаб до умерен северен ветер.
Невреме не се предвидува, но со оглед на фактот колку дрвја низ Скопје покоси претходното невреме, подобро е да се внимава при паркирање и движење, оти никој не може да гарантира во каква состојба се и колку се стабилни дрвјата што го издржаа неодамнешниот ураган кога ветрот дуваше над 130 километри на час.


