Смртта на работникот од „Комуналец“ не е поврзана со епидемијата во Гостивар – починал од срцев удар
Смртта на вработениот во гостиварски „Комуналец“, кој починал на 15 јуни при чистење канал во селото Горно Јеловце, според првичните информации нема поврзаност со актуелната криза со вода во Гостивар.
Препорачано
Според неофицијални информации на „Слободен печат“, работникот починал од срцев удар. Според првичните информации од истражните органи, интервенцијата што се вршела на каналите не била поврзана ниту со притисокот на водата во Дебреше, каде што имаше протести, ниту со загадувањето на водата во Гостивар, каде што е прогласена епидемија, а над 3.000 граѓани завршија во болница поради вода со фекалии.
ВИДЕО | Тензии и инцидент пред Општина Гостивар, гневни жители на Дебреше бараа вода
Селото се наоѓа под Шар Планина и не е во близина ниту на Дебреше, ниту на селото Вруток, каде што е изворот на водата за гостиварци. Според нашите информации, станувало збор за редовна интервенција што со години се изведувала, односно за канал кој ги пренесува водите од Шар Планина до централата, а работникот бил обучен и соодветно заштитен за вакви интервенции.
Смртта на работникот стана актуелна по прогласувањето на епидемијата, откако беше утврдено дека на 25 јуни биле поставени пумпи со кои водата во Гостивар била загадена со фекални бактерии, за што е осомничена директорката на гостиварски „Комуналец“ и двајца раководители од претпријатието.
– Тие на 25 јуни дале налози на вработени во претпријатието да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи, во близина на преливната комора со вода за пиење, со цел да го тестираат притисокот на водата – соопшти Обвинителството.
Загина работник на „Комуналец“ Гостивар — се заглавил во одводен канал додека го чистел
Дека работник починал на овој датум е евидентирано и во полицискиот билтен од 16 јуни, при што е соопштено дека на лице место излегол јавен обвинител.
– На 15.06.2026 во 12:47 часот во СВР Тетово е пријавено дека во канал за вода има починато лице во атарот на с. Горно Јеловце. Полициски службеници излегле на местото и констатирале дека се работи за лицето Н.М. (64) од с. Дебреше, вработен во ЈП „Комуналец“ Гостивар. Според пријавеното, тој со колеги дошол на местото да го исчисти каналот, каде што имало канали за прибирање проточни води, при што се заглавил во еден од каналите. Откако бил извлечен од екипа на Територијалната противпожарна единица Гостивар, лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт. На местото на настанот излегол и трудов инспектор, а увид извршиле екипи од ОВР Гостивар и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот е дадено на обдукција – се наведува во билтенот.
Извештаите од Трудовиот инспекторат и од обдукцијата сѐ уште не се готови.


