Доналд Трамп / Фото: AMIT LAVEE/World Economic Forum / Avalon / Profimedia

Америка во трговска „војна“ со светот — Трамп воведе нови царини за над 80 земји

Новите царини ќе ја заменат глобалната царина од 10 отсто, чија важност истече вчера, а се воведуваат откако Врховниот суд на САД прогласи дека голем дел од претходните царини биле незаконски.

Американскиот претседател Доналд Трамп воведе нови царини за повеќе од 80 земји, предизвикувајќи бран критики и протести од големите трговски партнери.

Новите мерки практично ја заменуваат единствената царина од 10 отсто што Трамп ја воведе во февруари. Таа беше воведена како привремено решение откако Врховниот суд пресуди дека голем дел од тие царини биле незаконски.

Царините се воведуваат врз основа на американскиот Закон за трговија од 1974 година, а администрацијата на Трамп соопшти дека новите мерки се последица на тоа што десетици земји не спроведуваат забрани за производи произведени со принудна работа.

Најновите царини синоќа ги објави американскиот трговски претставник Џејмисон Грир.

– САД речиси еден век имаат забрана за увоз на производи произведени со принудна работа и строго ја спроведуваат. Нашите трговски партнери одамна требаше да го направат истото. Охрабрен сум од трговските партнери што брзо усвоија забрани за увоз на производи произведени со принудна работа и со нетрпение очекувам да обезбедиме тие забрани ефикасно да се спроведуваат – рече тој.

ЕУ контра Трамп: Ако тој воведе царини, ќе реагираме брзо да ги одбраниме своите права

Збунетост и критики поради новите мерки

Неколку светски функционери го отфрлија образложението за принудна работа.

– Овие царини се неоправдани, не се во согласност со нашиот договор за слободна трговија и треба да бидат укинати. Мерките на Австралија за борба против принудната работа и современото ропство се меѓу најстрогите во светот, а нашата лидерска улога е глобално признаена, вклучително и во САД – изјави австралискиот министер за трговија, Дон Фарел.

Новите царини се движат меѓу 10 и 12,5 отсто за земји меѓу кои Обединетото Кралство, Мексико, Канада, Австралија, Индија, Кина и 27-те земји членки на Европската Унија.

Бразил, кој беше погоден со царина од 12,5 отсто, ги опиша царините како „произволни“ и „неоправдани“. Претседателот Луис Инасио Лула да Силва изјави дека и натаму е отворен за преговори, но дека Бразил ќе бара други пазари доколку не може да продава во САД.

Шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас, изјави дека ЕУ ќе побара појаснување од Вашингтон и дека новите царини ги смета за „шокантни“.

– Не можете да го кажете тоа за Европската Унија. Ако ги споредите нашите закони за работни односи со оние во САД, мислам, ние имаме платен одмор и многу добри услови за работа за нашите вработени, па затоа ова навистина нема основа – рече Калас.

Премиерот на Нов Зеланд, Кристофер Лаксон, ги опиша царините како „исклучително разочарувачки“ и изјави дека САД не обезбедиле „значајни докази за да ги поткрепат тврдењата поврзани со принудната работа“.

Канада, еден од најголемите трговски партнери на САД, веднаш реагираше со оцена дека „не треба да биде цел на вакви мерки“, додавајќи дека е лидер во борбата против увозот на производи произведени со принудна работа.

– Ако целта навистина е справување со принудната работа, фокусот треба да биде на координиран пристап преку мултилатерален механизам. Времето на воведување на оваа мерка е донекаде сомнително, бидејќи претходните царини истекуваат – изјави извршниот потпретседател на Канадската стопанска комора, Метју Холмс.

Трамп: Најмногу сакам да зборувам за царини

Трамп на удар поради царините

Трамп долго време ги смета царините, односно даноците што се наплаќаат на увозот, за клучна алатка за заштита на американските работни места и на производството.

Тој повеќепати изјави дека царината е „најубавиот збор во речникот“.

Според Уставот, само Конгресот има овластување да воведува даноци. Но, во април минатата година, на денот што Трамп го прогласи за „ден на ослободувањето“, тој воведе основна царина од 10 отсто врз основа на Законот за меѓународни економски овластувања во вонредни ситуации, трговски закон што му дава на претседателот овластување да ги регулира меѓународните трансакции за време на национална вонредна состојба.

Сепак, таа политика претрпе сериозен удар во февруари, кога Врховниот суд на САД пресуди дека овластувањето за воведување царини во време на мир и натаму му припаѓа на Конгресот.

Трамп веднаш најави нов режим на царини од 10 отсто врз основа на друг трговски закон, кој дотогаш никогаш не бил користен и кој го ограничуваше периодот на важење на царините на 150 дена.

„Овие нови царини би претставувале уште еден случај на пречекорување на овластувањата од страна на претседателот. Доколку бидат оспорени пред суд, Врховниот суд најверојатно би ги укинал“, напиша поранешниот заменик-директор на Светската трговска организација, Алан Волф.

Администрацијата би можела да воведе дополнителни царини, бидејќи во моментов истражува 16 земји поради тврдењата дека произведувале прекумерни количества стока, со што ги намалувале цените и ги ставале американските компании во неповолна положба на глобалните пазари.

Царините на Трамп се покажаа и како непопуларни меѓу американскиот народ.

Две третини од гласачите изјавиле дека се незадоволни бидејќи царините ги зголемиле цените, што потенцијално може да претставува закана за републиканците на конгресните избори во ноември.

Американските потрошувачи дополнително ги почувствуваа последиците од војната на Блискиот Исток, која доведе до нагло зголемување на трошоците за енергија и цените на горивата.

Растот на цените на енергенсите доведе и до зголемување на инфлацијата, која во мај достигна највисоко ниво во последните три години.

Трамп и неговата администрација, сепак, инсистираат дека неговите политики само го подобриле животот на американските потрошувачи.

Американските царини ја тресат германската индустрија, сѐ повеќе компании ги кратат инвестициите и ги зголемуваат цените

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот