Азија добива нова авиокомпанија — познат милионер инвестира милијарди
Индискиот милијардер Гаутам Адани размислува за основање нова авиокомпанија што би можела значително да го потресе азискиот пазар, кој со години е доминиран од „Инди Го“.
Препорачано
Овој потег претставува можна промена во стратегијата за групацијата Адани, која веќе управува со осум аеродроми во Индија, вклучувајќи два во Мумбаи, и спроведува инвестициски план од 11 милијарди долари за проширување на својот бизнис. Според Ројтерс, Адани почнал да размислува за влез во авиоиндустријата откако индиската влада приватно охрабрила неколку големи бизнис-групи, вклучувајќи го и Адани, да размислат за основање нова авиокомпанија. Причината се проблемите со кои се соочуваат најголемите превозници во земјата – зголемена контрола врз „Ер Индија“ по минатогодишната авионска несреќа, како и оперативните предизвици на „Инди Го“, што предизвика големи прекини во воздушниот сообраќај во декември.
-Тоа е тешка работа, но Адани сака да се гледа како проект од национален интерес – изјави извор за Ројтерс.
Според него, владата верува дека проблемите на „Ер Индија“ и кризата во „Инди Го“ покажаа дека на земјата ѝ е потребна уште една голема авиокомпанија. Адани е втор најбогат човек во Азија, со проценето богатство од околу 89 милијарди долари. Влегувањето во авиоиндустријата би претставувало еден од неговите најсмели деловни потфати досега.
Минатиот месец соопштија дека планираат да инвестираат повеќе од две милијарди долари во развој на комерцијални зони на аеродромите на шест локации во Индија. Проектите вклучуваат изградба на хотели, трговски центри и деловни простории.
Покрај управувањето со осум аеродроми во Индија, групацијата Адани работи во голем број сектори, како на домашен терен, така и низ цела Азија. Исто така го поседува и „најголемиот приватен оператор на пристаништа во Индија според обемот на товар, кој управува со 15 домашни пристаништа.
Надвор од Индија, „Адани Портс“ поседува четири пристаништа – во Австралија, Коломбо, Израел и Танзанија. Групацијата е еден од водечките производители на цемент во Индија. Влезе во оваа индустрија во 2022 година, кога ја заврши својата најголема аквизиција со преземање на уделот на „Холсим АГ“ во „Амбуџа Цементс“.
Покрај тоа, Адани е сопственик на енергетската компанија Адани Пауер, како и компании кои произведуваат енергија од соларни, ветерни и хибридни извори. Групацијата ја вклучува и Адани Тотал Гас, која се занимава со дистрибуција на гас низ цела Индија.
Порано оваа година беше објавено дека до 2035 година ќе инвестира дури 100 милијарди долари во изградба на центри за податоци прилагодени на развојот на вештачката интелигенција, кои ќе се напојуваат со енергија од обновливи извори. Со ова, Адани Групацијата им се придружи на компаниите кои инвестираат многу за да ја позиционираат Индија меѓу водечките земји во глобалната трка за развој на вештачка интелигенција.


