Намалена прогнозата за економски раст на еврозоната за годинава
Економистите анкетирани од Европската централна банка (ЕЦБ) ги намалија своите очекувања за економски раст на еврозоната во 2026 година на само 0,6 проценти, што е за 0,4 процентни поени пониско отколку во претходното истражување, според истражувањето објавено од банката денес.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Прогнозата за економски раст на еврозоната за 2027 година е малку ревидирана надолу, од 1,3 проценти на 1,2 проценти, додека проекцијата за 2028 година е стабилна на 1,3 проценти.
Долгорочната проценка за економски раст за 2031 година е исто така намалена на 1,2 проценти, што укажува дека изгледите за забрзување на европската економија се уште се слаби.
Кога станува збор за инфлацијата, економистите очекуваат вкупната инфлација во еврозоната мерена според Хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP) да биде 2,7 проценти во 2026 година, а потоа да падне на 2,2 проценти во 2027 година и два проценти во 2028 година.
Проценките за 2026 и 2028 година останаа непроменети од претходната анкета, додека за 2027 година се зголемија малку за 0,1 процентен поен.
Основната хармонизирана стапка на инфлација (HICPX) на еврозоната, која ги исклучува цените на храната и енергијата, ќе биде 2,4 проценти во 2026 година, што е зголемување од 0,2 процентни поени, додека очекувањата за 2027 и 2028 година остануваат на 2,2 и 2,1 процент, соодветно, додадоа економистите. Долгорочните очекувања за 2031 година остануваат закотвени околу целната вредност од два проценти.
Економистите очекуваат мало влошување на пазарот на трудот. Тие прогнозираат стапка на невработеност од 6,3 проценти во 2026 и 2027 година, по што треба да се намали на 6,2 проценти во 2028 година и на 6,1 процент на долг рок до 2031 година, забележа ЕЦБ на својата веб-страница.


