Фото: Инстаграм/Меган Маркл

ФОТО | Меган Маркл објави ретка фотографија од Арчи и Лилибет во домот каде што пораснала принцезата Дијана

Меган Маркл сподели ретки семејни фотографии од неодамнешниот летен одмор на семејството, меѓу кои и снимка за која се верува дека е направена во Алторп – семејниот имот на Спенсерови, каде што пораснала принцезата Дијана.

Војвотката од Сасекс (44) во четвртокот, на 23 јули, на Инстаграм објави серија фотографии со едноставниот опис: „Летен одмор“.

На една од фотографиите од зад грб се гледаат принцот Хари (41), принцот Арчи (7) и принцезата Лилибет (5) како одат по тревната патека опкружена со дрвја и жива ограда. Според британските медиуми, фотографијата е направена во Алторп, родниот дом на Дијана.

Фото: Инстаграм/Меган Маркл

Хари и Арчи во рацете носат големи букети цвеќе, што поттикна претпоставки дека семејството ја посетило и гробницата на принцезата Дијана, која се наоѓа на островче среде езерото Овал Лејк на имотот.

За време на неодамнешната посета на Велика Британија, семејството Сасекс престојувало на имотот од околу 5.260 хектари во Нортхемптоншир, како гости на вујкото на Хари, Чарлс Спенсер. Така, Арчи и Лилибет добиле можност да поминат време на местото што е нераскинливо поврзано со нивната покојна баба, која загина во сообраќајна несреќа во Париз во 1997 година, кога Хари имал само 12 години.

Се верува дека за време на престојот во Алторп, семејството поминало време и со други членови на семејството Спенсер.

Фото: Инстаграм/Меган Маркл

Гробот на принцезата Дијана се наоѓа на мало островче среде езерото Овал Лејк и не е достапен за јавноста. Нејзиниот брат Чарлс Спенсер во својата книга објасни дека токму изолираната положба била намерна, бидејќи езерото претставува природна заштита од несакани посетители.

Тој претходно изјави дека му носи утеха сознанието дека принцовите Вилијам и Хари можат приватно да го посетуваат гробот на својата мајка.

„Мислам дека е многу важно да можат да бидат таму со неа. За среќа, овде владее мир и можат да доаѓаат кога и да посакаат. Мене ми е драго што го знам тоа“, изјави Чарлс Спенсер.

Фотосесија на принцезата Дијана со синовите Вилијам и Хари
Фотосесија на принцезата Дијана со синовите Вилијам и Хари / Фото: Lord Snowdon / Shutterstock Editorial / Profimedia

Постоеја шпекулации дека семејството Сасекс ќе го посети Алторп за време на престојот во Велика Британија, откако на официјалната веб-страница на имотот беше објавено дека тој ќе биде затворен за посетители на 10 и 11 јули.

Принцот Хари овој месец присуствуваше на низа хуманитарни настани во Велика Британија. Иако безбедносните причини ја спречија Меган и децата да присуствуваат на целото патување, тие сепак отпатуваа во Обединетото Кралство. За време на посетата се случи и долгоочекуваната средба на Арчи и Лилибет со кралот Чарлс и кралицата Камила. Кралот (77) не ги видел своите внуци, кои живеат во Калифорнија, од 2022 година.

Ова не беше прва посета на Меган на Алторп. Во својата автобиографија „Резерва“ (Spare), објавена во 2023 година, принцот Хари откри дека во 2022 година, по повод 25-годишнината од смртта на Дијана, првпат ја одвел сопругата на местото каде што е погребана неговата мајка.

epa-efe
Принцовите Вилијам и Хари со нивните сопруги – Кејт Мидлтон и Меган Маркл / Фото: EPA-EFE/STR

Опишувајќи го патувањето со чамец до островчето, Хари напиша дека ги набљудувал пространите полиња и вековните дрвја на Алторп – илјадниците зелени хектари каде што неговата мајка пораснала и каде што, иако не ѝ било секогаш лесно, сепак пронашла моменти на мир.

Иако призна дека посетата не била лесна, Хари напиша дека отсекогаш сакал да го сподели тоа место со Меган.

„Конечно ја донесов жената од моите соништа дома, за да ја запознае мама“, напиша тој.

Принцот Хари: Новинари на таблоидот „Сан“ ја прислушкуваа мајка ми

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот