Македонски дебатери освоија прво место во Прага: „Важно е да се подигне нивото на комуникација на младите“
Смилевска од МОФ поентира дека дебатата е важна за младите заради подигнување на нивото на комуникацијата, не само за сега, туку дебатерите утре ќе влезат во институции, организации, медиуми, болници… ќе имаат можност да менуваат работи во државата, па затоа е поубаво да бидат „опремени“ со аргументи, наместо со напади и повишување тон.
Македонски дебатери, претставници на Младинскиот образовен форум (МОФ), постигнаа успех на натпреварот во Чешка наречен „Prague Debate Spring 2026“, освојувајќи го првото место во почетничката категорија. Освен што имаат врвен резултат на еден од најпрестижните меѓународни турнири во компетитивна дебата, од МОФ велат дека дебатата е значајна зашто го негува критичкото размислување на младите, но и како да бидат поактивни и посвесни за околината.
Препорачано
МОФ годинава ја претставуваше Македонија со тимовите „Macedonia Red“, кој го освои првото место во почетничката категорија, а учествуваше и со „Macedonia Yellow“, тим што обезбеди пласман до осминафиналето.
„Во текот на шесте прелиминарни рунди, македонските дебатери дебатираа на импровизирани теми против екипи од различни делови на светот, покажувајќи исклучителни аналитички способности, јавно говорење и аргументација“, вели Дора Смилевска од МОФ.

Таа за „Слободен печат“ посочува дека со секој нареден успех, младите добиват видливост, се препознаени и од институциите, и од други актери во државата, за да може да настапуваат на уште повисоко ниво.
„Ова не е натпревар и активност ‘туку така’. Ова е активност која навистина на младите им помага да го развијат критичкото размислување. Суштински важно е кога учествуваш на меѓународен натпревар, тој ти дозволува да видиш и чуеш како размислуваат врсници од други држави, да видиш која е логиката позади нивните аргументи, особено што средношколците доаѓаат од различни позадини и култури. Едноставно, дебатерите се мотивирани самите да придонесат повеќе во дебатната програма, а следната година повторно да се вклучат, да бидат следните предавачи…“, посочува Смислевска.
Што повисоко ниво на комуникација – толку покултурни јавни настапи
Таа поентира дека дебатата е важна и заради подигнување на нивото на комуникацијата, не само додека се млади, туку дебатерите потоа ќе влезат во институции, организации, медиуми, болници, фирми… ќе имаат можност да менуваат работи во државата.
„Во дебатниот формат си има правила на аргументирање, на начин на поставување прашања… па, самото тоа им помага да развијат начин на комуникација со други луѓе, а понатаму и со институциите, за да бидат посвесни за своите граѓански можности и права. Оние што доаѓаат на дебата знаат повеќе за актуелните случувања, па се мотивирани и да дејствуваат локално. Исто така, ако дојдат на одредена функција, треба да имаат аргументи и свест за комуникација со соговорниците“, нагласува таа.

Како што објаснува, важно е како дебатата ќе се пренесе во јавниот простор. Дебатерите лани го критикуваа соочувањето на кандидатите за градоначалници, во очи на локалните избори. Смилевска уште тогаш реагираше дека на ТВ дуелот не постоеше аргумент, правила и непристрасен судија, туку „напади, дофрлање, прекинување и повишување на тон“ – работи кои, како што рече, немаат место на дебатите.
„На младите дебатери најмногу им пречи кога ќе видат некој што ја претставува државата, а се однесува некоректно (во јавните настапи). Тоа го приметуваат, споредуваат, па се охрабрени да комуницираат поаргументирано, наместо со некултурен јазик и тон. Тоа им ја буди свеста, за да бидат подобри“, констатира Смислевска.
Меѓународен собир на дебатери
Турнирот се одржа од 10 до 13 јули во Прага, како дел од „IDEA Youth Forum3, меѓународен младински форум организиран од Интернационалната дебатна образовна асоцијација (IDEA) – европската мрежа која ги обединува дебатните организации и клубови од Европа и пошироко. Настанот, кој траеше од 6 до 13 јули, собра околу 300 млади дебатери од речиси сите европски земји, како и од САД, Канада, Кина, Јапонија, Тајван, Јужна Африка и други држави.

Освен успехот на тимот „Macedonia Red“, составен од Јана Господинова, Ана Василева, Стефан Николовски и Матео Зафировски, и осминафиналето на „Macedonia Yellow“ со состав Спасе Панев, Искра Ѓероска, Ема Велјановска и Елена Николова, дополнително признание доби и Искра Ѓероска, рангирана како 9-ти најдобар говорник во категоријата „English as a Foreign Language“ (EFL), што според МОФ претставува уште една потврда за квалитетот на македонските дебатери на меѓународната сцена.
„Ова е продолжение на успешната низа на Младинскиот образовен форум на ‘Prague Debate Spring’. Од 2023 година, организацијата секоја година испраќа свои претставници на турнирот, при што македонските тимови редовно обезбедуваат пласман меѓу 16-те најдобри тимови во конкуренција од повеќе од 60 тимови од држави од целиот свет. Годинава, за првпат, македонски тим го освои шампионскиот трофеј во почетничката категорија. За време на ‘IDEA Youth Forum’, дебатерите имаа можност не само да се натпреваруваат, туку и да учествуваат на работилници, предавања и активности за размена на искуства со млади од различни култури, дополнително развивајќи ги своите лидерски, комуникациски и интеркултурни вештини“, нагласуваат од МОФ.
Тимовите беа придружувани и поддржувани од Дора Смилевска, Јован Василевски и Меланија Петровска, кои на турнирот учествуваа како меѓународни судии и воедно се пласираа како едни од најдобрите судии на турнирот, судејќи и во елиминационите дебати.
„Постигнатиот успех е резултат на долгогодишната работа на дебатната програма на Младинскиот образовен форум, како и на посветеноста на тренерите и дебатерите кои со години вложуваат труд во развојот на критичкото размислување, аргументацијата и јавното говорење“, велат од МОФ, посочувајќи дека во последните два месеца победиле и на регионален турнир во Тирана, а во мај и на интернационален турнир во Парма, Италија.


