Гранки и паднати дрва после неверемето - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Гранки и паднати дрва после неверемето - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Орканскиот ветер од вчера сруши дрвја и покриви, но не и рекородот за најбрз ветер во Македонија

Силината на вчерашниот ветер, иако откорна голем број дрвја и направи сериозна штета, не го сруши рекордот. Максималната измерена брзина на ветер во Македонија е 150 километри на час.

Вчерашното силно невреме што го зафати северниот и источниот дел од земјата, вклучително и Скопската Котлина, донесе оркански ветар со брзина од над 130 километри на час. За причините за оваа временска непогода, за рекордите и за прогнозата за следните денови разговаравме со Јулијана Фиданоска-Мишкоска, дежурен синоптичар во Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

– Ова се вообичаени процеси за овој период од годината. Во зоната на нестабилност имаме секогаш засилен до силен ветар.

Во текот на вчерашниот ден имавме ветар од оркански карактер, што во Скопската Котлина достигна брзина во зоната на нестабилноста од 130 километри на час, додека во Штипскиот Регион беше измерена брзина од 134 километри на час.

Максималната брзина во изминативе години во вака нестабилна временска состојба е измерена брзина на ветер од 150 километри на час, тоа е забележано во Скопскиот Регион, во моментов ја немам информацијата од која година е – вели Фиданоска-Мишкоска.

Во текот на вчерашниот ден најмногу дожд наврна во Штипскиот Регион – 18 литри, додека во Скопската Котлина на повеќето мерни места од 8 до 10 литри. 11 литри се наврнати во Струмица и околината.

Гранки и паднати дрва после неверемето - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Гранки и паднати дрва после неверемето – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Прогнозата за интензитетот на овој тип на невреме не може да се види неколку дена однапред.

– Во претходните денови, да, се знаеше дека ќе има локална нестабилност, точно, меѓутоа порано од неколку денови овие нестабилности не може да се предвидат за точните локалитети.

Ги следиме ние секојдневно на сателитски и радарски мониторинг, два часа пред нестабилноста веќе може да се види со кој правец и со кој интензитет ќе биде нестабилноста – рече нашата соговорничка.

За познавачите причините за оваа појава се јасни, како што вели Фиданоска-Мишкоска тоа се топлиот бран од југ и загреаната атмосфера од повеќе страни.

– Изминатиов период имавме подолго време на топол бран од југ, имавме доста загреана атмосфера од една страна, од друга страна влага од Медитеранот, од Јадранот, што доведува до вака изразени нестабилности, со вертикален развој на кумулонимбусни облаци кои во текот на вчерашниот ден достигнаа вертикална брзина и до 16 километри- објаснува таа.

Додава дека конкретно оваа нестабилност нема поврзаност со местоположбата.

– Орографијата секако дека влијае на нестабилноста на цела територија на нашата земја. Но, конкретно за вчерашното невреме едноставно бранот се спушти од север, правецот на движење беше северозапад кон југоисток – вели Фиданоска-Мишкоска.

Гранки и паднати дрва после неверемето - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Гранки и паднати дрва после неверемето – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Во однос на престојниот период таа најавува драстична промена на времето во петок со намалување на температурите и појава на грмежи.

– Влажен бран и доста постуден воздух од север ќе имаме во петок преку денот, со врнежи од дожд кои локално ќе има услови да бидат и проследени со појава на грмежи и засилен ветар. Врнежите во петок наместа ќе бидат и пообилни.

Очекуваме значително ниска дневна температура во петок, под просекот за овој период од годината, во интервал од 18, 19 па до 25 степени, со тоа што веќе кон крајот на денот врнежите се очекува да престанат.

Ќе имаме развведрување во текот на ноќта и во сабота, со тоа што во деновите од викендот ќе имаме стабилна временска состојба, но ниски утрински температури. До крајот на месец јули засега на повидок нема некоја поголема и позначителна промена на времето и нестабилност – најави таа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот