Филипче: Намерното запирање на европскиот пат претставува форма на државен удар
Намерното запирање на европскиот пат на Македонија претставува форма на државен удар, оцени на денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции, лидерот на СДСМ Венко Филипче.
Препорачано
Филипче истакна дека евроинтеграцијата отсекогаш била стратешка определба на Македонија и потсети на клучните моменти од процесот, почнувајќи од независноста, преку решавањето на спорот со Грција, членството во НАТО и добивањето кандидатски статус, до актуелните предизвици на патот кон ЕУ, но, како што предупреди, државата сè повеќе заостанува зад останатите земји кандидати за членство во Европската Унија.
Според него, последните извештаи на Европската комисија се сериозно предупредување за состојбите во државата, посочувајќи дека во нив се нотирани проблеми со владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата, притисоците врз медиумите и, како што рече, зголеменото влијание на „српскиот свет“ и Русија во регионот.
Рокас: Владеењето на правото е клучен предуслов за успешна евроинтеграција
Според Филипче, Владата јавно се залага за европска интеграција, но во пракса не ги презема неопходните чекори за продолжување на преговорите.
Филипче нагласи дека земјата нема алтернатива на членството во Европската Унија и посочи дека пристапниот процес овозможува реформи, подобро функционирање на институциите и пристап до значителни европски фондови.
Лидерот на СДСМ предупреди дека Македонија е единствената земја кандидат која сè уште нема отворено ниту едно преговарачко поглавје, додека Албанија, Црна Гора, Молдавија и Украина веќе бележат напредок во процесот на пристапување.


