Градот и повеќето Општини објавија броеви за пријавување на штети од вчерашното невреме
По вчерашното силно невреме кое оштети стотици возила, кровови и повреди десетици жители на Скопје, се активираа кризните штабови на Град Скопје и на повеќето градски Општини, кои од вчера активираа телефонски броеви каде граѓаните можат да ги пријавуваат направените штети.
Препорачано
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека Кризниот штаб е целосно мобилизиран и во постојана координација со ЦУК, МВР, ЕВН и Противпожарната бригада на Град Скопје. Граѓаните на кои им е потребна помош или сакаат да пријават штета можат да се јават на броевите 112, 072-314-929, 072-314-909 и 02/3297-204.
Градоначалникот Бобан Стефковски, пак, информираше дека невремето откорнало 40 дрвја во Гази Баба, а сериозно оштетен е и кровот на основното училиште „Наум Наумовски Борче“ во Маџари. За пријавување паднати дрвја на територија на Гази Баба достапен е бројот 075 320 178.
Во Општина Аеродром, градоначалникот Дејан Митески соопшти дека граѓаните што претрпеле штета треба да ја пријават во Полициската станица – Аеродром, за да се изготват записници и навремено да се евидентираат штетите.
Потоа, за пријавување на штета во Центар достапни се броевите 075 219 068 и 076 350 767. Во Карпош пријавувањето на штета може да се изврши на бројот 071-322-790, каде жителите треба да ја наведат точната локација и кратко да го опишат проблемот. Општина Чаир ги насочи граѓаните своите штети да ги пријавуваат на бројот 112. Во Кисела Вода двата броја за пријавување штети се 072 250 719 (Бобан) и 072 443 500 (Димитар). Бутелчани, пак, за пријавување на штети од невремето треба да се ават на бројот 078-517-344.
ФОТО+ВИДЕО | Бесно невреме удри врз Скопје — орканскиот ветер корнеше покриви, кутна стотици дрвја
До објавувањето на овој текст, Општините Шуто Оризари и Сарај немаат објавено броеви за контакт каде нивните жители би можеле да ги пријават штетите од вчерашното невреме.
ФОТО | Во невремето е оштетен и часовникот на Музејот на Град Скопје


