Кина. EPA-EFE/ROMAN PILIPEY

Светот чека Кина да го отвори вентилот за гориво

Се очекуваше азиските рафинерии, потпирајќи се на постабилно снабдување со нафта, да го предводат закрепнувањето на светското производство на горива во тековниот квартал. Меѓутоа, нападите меѓу САД и Иран повторно го намалија извозот на сурова нафта од Персискиот Залив преку Ормускиот Теснец.

Ескалацијата на војната меѓу САД и Иран ги загрозува плановите на азиските рафинерии во август да го зголемат производството. Тоа би можело подолго време да ги задржи ниски светските резерви на горива и да ги поддржи високите цени, освен ако Кина не го пополни недостигот, пишува „Ројтерс“.

Се очекуваше азиските рафинерии, потпирајќи се на постабилно снабдување со нафта, да го предводат закрепнувањето на светското производство на горива во тековниот квартал. Меѓутоа, нападите меѓу САД и Иран повторно го намалија извозот на сурова нафта од Персискиот Залив преку Ормускиот Теснец. Пред почетокот на војната низ овој теснец минуваше една петтина од светската нафта.

Сега и јеменските Хути, кои се поддржани од Иран, се заканија дека ќе го блокираат извозот на Саудиска Арабија преку Црвеното Море. Според истражувачката компанија „Енерџи аспектс“, тоа би можело да принуди повеќе од три милиони барели саудиска нафта дневно, наменети за Азија и транспортирани преку теснецот Баб ел Мандеб, да бидат пренасочени по значително подолги поморски маршрути.

Во вторникот три танкери што превезувале саудиска нафта за Кина и Индија преку Баб ел Мандеб се свртеле и се упатиле кон Суецкиот Канал.

Поради тоа, азиските рафинерии што веќе обезбедиле сурова нафта за август сега се подготвуваат за доцнење на испораките од Блискиот Исток. Истовремено, рафинериите во САД и во Европа веќе работат речиси со полн капацитет.

Русија, пак, го забрани извозот на дизел по украинските напади со беспилотни летала врз нејзините рафинерии. Тоа значи дека светската понуда на нафтени деривати ќе остане ограничена, што дополнително ќе ги поддржува цените на бензинот, дизелот и авионското гориво.

Високите цени на горивата ги зголемија профитните маржи на рафинериите на рекордно ниво во САД и во Европа, а во Азија тие достигнаа највисоко ниво во последните два месеца.

– Маржите ќе останат високи. Во светот едноставно нема доволно капацитет за справување со двојниот удар од затворањето на Ормускиот Теснец и руската забрана за извоз. Цените мора да пораснат за да се намали побарувачката на крајните потрошувачи – изјави аналитичарот на „Спарта комодитис“, Нил Крозби.

Маржите на азиските рафинерии за дизел и авионско гориво се зголемија на повеќе од 65 долари за барел, од нешто над 20 долари пред почетокот на војната.

Кина го забрзува процесот на лиценцирање летечки автомобили

Закрепнувањето засега е бавно

Светските рафинерии во третиот квартал би требало да преработуваат 81,6 милиони барели дневно, што е раст од четири отсто во однос на претходниот квартал, но исто толку помалку од лани.

Закрепнувањето треба да го предводи Азија, каде што августовската преработка е проектирана на 30,37 милиони барели. Сепак, ограничениот проток низ Ормутскиот Теснец и подолгите маршрути за саудиската нафта можат да ги одложат испораките.

Тајванската „Формоза“ планира да работи со речиси 90 проценти од капацитетот, но предупредува дека дел од августовските товари се неизвесни.

Доцнења очекуваат и кинеските рафинерии, што може да го спречи планираното зголемување на преработката во текот на август годинава.

Кина би можела да го пополни недостигот

Рафинериите во Азија, без Кина, работат со 93 до 95 проценти од нивото пред војната, изјави аналитичарот на „Кплер“, Сумит Ритолија.

Спротивно на тоа, искористеноста на кинеските рафинерии во јуни падна на само 58 проценти. Кина има најголем простор за зголемување на производството, а помалку е зависна од увезената сурова нафта во споредба со другите земји бидејќи располага со големи резерви.

Кинеските рафинерии досега го ограничуваа производството поради слабата домашна побарувачка и рестрикциите за извоз на гориво. Пекинг ги ублажи ограничувањата за јули, но сè уште не е познато дали таквата политика ќе продолжи и во август.

„Вуд Мекензи“ очекува преработката во Кина во август да се зголеми на 13,96 милиони барели дневно, од 12,63 милиони во јуни.

Според извори од трговската индустрија, се очекува независните кинески рафинерии, кои купувале поевтина блискоисточна сурова нафта, да го зголемат производството. Рафинеријата на „Шенгхонг петрохемикал“ во провинцијата Џангсу, со капацитет од 320.000 барели дневно, би требало повторно да почне со работа во средината на август по обемниот ремонт.

Америка ги засилува нападите врз Иран — војната досега ја чинела 37,5 милијарди долари

САД и Европа веќе работат со полна сила

Се очекува американските и европските рафинерии максимално да го зголемат производството во третиот квартал за да ги искористат рекордните маржи. Сепак, според аналитичарите, тие имаат малку простор за дополнително зголемување на производството.

Профитната маржа за дизел во Европа достигна рекордни 66,25 долари за барел откако Русија го забрани извозот.

Во САД, разликата меѓу цената на суровата нафта и вредноста на произведените горива, која најчесто се користи како показател за профитабилноста на рафинериите, кон крајот на минатата недела се искачи на рекордно ниво од речиси 70 долари за барел.

Аналитичарот на „Енерџи аспектс“, Раул Калзада, изјави дека рафинериите работат со рекордно висока искористеност на капацитетите. Се предвидува дека преработката на американскиот брег на Мексиканскиот Залив во третиот квартал ќе се зголеми за 200.000 барели дневно, односно за 2,1 процент во споредба со минатата година.

– Во изминатите неколку месеци видовме дека повеќе рафинерии, каде што тоа беше можно, благо го зголемија производството над вообичаеното оперативно ниво – изјави Треј Хемблет, аналитичар во компанијата за следење на рафинериите „Индустријал инфо рисорсис“.

Иако резервите на бензин на американскиот брег на Мексиканскиот Залив се „исклучително ниски“, според него, рафинериите немаат доволно мотив максимално да го зголемат производството на бензин.

– Мора да произведуваат колку што е можно повеќе дизел бидејќи таму е најголемата заработка. Поради тоа, заглавени сме во состојба во која недостигаат сите видови гориво – рече Хемблет.

Африка сака да стане нов голем снабдувач на гас за Европа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот