Махатма Ганди доби спомен-биста во Скопје: Пораките за мир остануваат вечни
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и нејзината индиска колешка Драупади Мурму, заедно со скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, денеска присуствуваа на откривање спомен-биста на Махатма Ганди, истакнат водач на индиската борба за независност, во Музајот на Град Скопје.
Препорачано
– Махатма Ганди ѝ припаѓаше на Индија, но неговата порака му припаѓа на целото човештво. Неговиот живот покажа дека вистината и ненасилството не се знаци на слабост, туку моќни инструменти за обезбедување правда, слобода и достоинство – рече Мурму на церемонијата.
Таа нагласи дека во време на конфликти, нетолеранција и поделби, вербата на Ганди во дијалогот, сочувството и мирниот соживот останува актуелна и денес.
– Се надевам дека посетителите на овој музеј, особено младите луѓе, ќе застанат пред неговата биста и ќе ја почувствуваат пораката на Ганди. Нека ги инспирира да ја отфрлат омразата, разликите да ги решаваат на мирен начин и да му служат на општеството со храброст и емпатија – истакна индиската претседателка.
Претседателката Сиљановска-Давкова порача дека промената што сакаме да ја видиме во светот, треба да започне токму од нас самите.
– Веројатно најважното наследство што го остави Ганди е идејата за ненасилно самоопределување како право на луѓето да одлучат за нивната судбина и иднина, но исто така и слобода да ги организира животите во согласност со нивната сопствена волја. Оваа желба за слобода е вековен идеал на индискиот, но и на македонскиот народ – нагласи Сиљановска-Давкова.
Градоначалникот на Скопје истакна дека настанот има посебна симболика бидејќи се случува во Скопје, градот во кој е родена Света Мајка Тереза.
– Махатма Ганди и Мајка Тереза својата мисија ја остварувале на различни начини, но нивните животи ги поврзува една универзална порака – дека човечноста, љубовта, сочувството и несебичната грижа за другите се најголемата сила што човекот ја поседува – рече Ѓорѓиевски.
Сиљановска-Давкова и Мурму претходно ја посетија и Спомен-куќата на Мајка Тереза.
– Оддадовме почит на ликот и делото на светицата, чии универзални пораки за милосрдие, солидарност и грижа за човекот и денес одекнуваат ширум светот – изјави македонската претседателка.


