Владата го усвои ребалансот за 2026 година: повеќе пари за земјоделките, два нови центри за жртви на насилство
Владата го усвои ребалансот на Буџетот за 2026 година и најави дека ќе се обезбедат дополнителни средства за земјоделките и дека ќе се отворат два згрижувачки центри за жртви на семејно и на родово насилство.
Препорачано
Со ребалансот се предвидени и повеќе средства за учениците и за студентите, за здравствената заштита, како и за спортот.
Министерството за финансии соопшти дека во дополнетиот ребаланс се вградени амандманите усвоени по комисиската расправа во Собранието, а предлогот ќе биде доставен до пратениците на усвојување.
Според министерството, дел од средствата ќе бидат наменети за воспоставување национална СОС-линија за помош на жртвите на семејно и родово насилство.
По ребалансот на буџетот ќе се исплатат 1,3 милијарди денари субвенции
Со ребалансот вкупните приходи во Буџетот се планирани на 379,5 милијарди денари, а расходите на 425,8 милијарди денари. Со тоа, буџетскиот дефицит ќе изнесува 46,3 милијарди денари.
„Со ребалансот се обезбедени дополнителни средства за земјоделските субвенции, повеќе средства за субвенциите во железничкиот сообраќај, поддршката на спортот, како и за студентскиот и ученичкиот стандард. Oбезбедена е и дополнителна поддршка за најранливите категории граѓани преку средства за социјални надоместоци, за заштитни друштва, народни кујни и мерки за деинституционализација, како и дополнителни средства за здравствена заштита“, соопшти министерството.
За капитални инвестиции се предвидени околу 46 милијарди денари, што е за 14,5 отсто повеќе од првично планираниот Буџет за 2026 година. Во исто време, се намалуваат расходите за стоки и за услуги.
Опозицијата претходно оцени дека Владата наместо да спроведува суштински реформи, повторно се определува за поголем дефицит и за ново задолжување.
Од опозициските редови рекоа дека ребалансот не нуди конкретни решенија за проблемите со кои се соочуваат граѓаните, меѓу кои се високите цени, инфлацијата и растечкиот буџетски дефицит.


