Абил Бауш / фото Слободан Печат /Слободан Ѓуриќ

Повеќе дефицит, повеќе долг, иста приказна

И годинава не ја прекинуваме традицијата. Напротив, повторно сведочиме на ребаланс што не е само техничка измена на бројките, туку јасен показател дека првичните проекции биле поамбициозни од економската реалност што ја живееме.

Изгледа дека кај нас ребалансот на Буџетот полека станува традиција, а не исклучок. Наместо документ што треба да биде внимателно испланирана финансиска рамка за една година, буџетот сè почесто се претвора во документ што по шест месеци повторно се отвора, се прекројува и се приспособува на реалноста. Тоа веќе не е прашање на непредвидени околности, туку на системска навика прво да се креира оптимистичко сценарио, а потоа преку ребаланс да се признаат ограничувањата на економијата. И годинава не ја прекинуваме традицијата. Напротив, повторно сведочиме на ребаланс што не е само техничка измена на бројките, туку јасен показател дека првичните проекции биле поамбициозни од економската реалност што ја живееме.

Највидливиот сигнал е буџетскиот дефицит. Од првично планираните 39,2 милијарди денари, тој се зголемува на 46,3 милијарди денари, односно на околу 4,1% од БДП. Тоа значи дека државата ќе троши повеќе отколку што собира, а разликата повторно ќе мора да се покрие преку задолжување. Прашањето не е само дали ќе се задолжиме, туку каде ќе се задолжиме, по која цена и за што точно ќе ги употребиме тие пари. Во таа насока, интересна беше изјавата на министерката дека „не треба да мешаме баби и жаби“ кога станува збор за споредбата на буџетскиот дефицит. Но, токму економската анализа почива на споредби. Буџетскиот дефицит не се оценува изолирано, туку се става во однос со БДП, со претходните години, со земјите од регионот и со меѓународните фискални правила. Ако не споредуваме, тогаш како ќе знаеме дали фискалната позиција се подобрува или се влошува? Економијата не функционира врз политички впечатоци, туку врз релативни показатели, трендови и компаративни анализи. Токму затоа, споредувањето не е „мешање баби и жаби“, туку основен принцип на економската наука.

Ако новото задолжување оди за плати, трансфери и тековни обврски, тогаш тоа е фискално преживување. Ако оди за патишта, железница, енергетика, водоводна инфраструктура, локален развој и капитални проекти, тогаш може да се третира како развојно задолжување. Но, тука е суштинскиот проблем на државата – со години има амбициозни капитални планови, но послаба реализација. Во првите пет месеци капиталните расходи се реализирани со подобра динамика од претходната година, но сепак останува прашањето дали до крајот на годината тие пари ќе станат реални проекти или само буџетска реторика.

Со ребалансот најмногу добиваат секторите поврзани со инфраструктурата, земјоделието, социјалната заштита, платите по колективни договори, образованието, здравството и општинските проекти. Тоа политички изгледа логично, но државата сака да покаже дека гради, субвенционира и штити. Но економски, секој денар мора да даде ефект. Субвенциите без продуктивност се само одложување на проблемот. Социјалната поддршка без активација на граѓаните е само амортизер. Капиталните инвестиции без брза реализација се само бројка во табела.

Губитници во ребалансот се дисциплината, првичната фискална рамка и делумно даночната предвидливост. Даночните приходи се намалуваат, особено поради корекцијата кај акцизите, што покажува дека инфлациските и енергетските притисоци директно ја ограничуваат фискалната моќ на државата. Владата се обидува да ги ублажи ценовните шокови преку намалување на акцизите, но тоа има цена – помалку приходи во буџетот и поголем простор за дефицит.

Инфлацијата е вториот голем проблем. Првично се очекуваше стабилизирање, но сега проекцијата е ревидирана нагоре, на 4,5 %. Тоа значи дека граѓаните ќе продолжат да ја чувствуваат кризата не преку статистиката, туку преку сметката во маркет, горивото, киријата и секојдневните трошоци. Растот на платите и пензиите делумно го амортизира ударот, но ако продуктивноста не расте со исто темпо, тогаш само ја храниме инфлациската спирала.

Економскиот раст исто така е ревидиран надолу од 3,8 % на 3,5 %. Тоа не е драматичен пад, но е доволен сигнал дека нашата економија останува ранлива. Растот главно се потпира на домашната побарувачка, јавната потрошувачка и инвестициите, додека нето-извозот останува слабост. Со други зборови, сè уште не растеме доволно затоа што произведуваме и извезуваме повеќе, туку затоа што трошиме, градиме и се задолжуваме.

Овој ребаланс покажува една стара болест на нашата економија, а тоа е дека државата е најголемиот мотор, но и најголемиот ризик. Кога приватниот сектор не е доволно силен, кога извозот не е доволно конкурентен, кога продуктивноста расте бавно, тогаш буџетот станува инструмент за одржување на социјален мир и политичка стабилност. Тоа може да функционира краткорочно, но не може да биде модел на развој.

Затоа, клучното прашање не е дали ребалансот е потребен. Во вакви услови, веројатно е. Клучното прашање е дали ребалансот создава идни приходи или само покрива сегашни притисоци. Ако новите задолжувања завршат во продуктивни капитални инвестиции, државата може да добие инфраструктура, раст и повисока конкурентност. Ако завршат во тековна потрошувачка, тогаш само ќе купиме време, а времето, како и долгот, секогаш доаѓа за наплата.

Ние не смееме да водиме буџетска политика како домаќинство што зема кредит за да ја преживее годината, туку мора да се води политика како економија што инвестира за да создаде повисока вредност. Ребалансот за 2026 година ќе биде оправдан само ако секој дополнителен денар создаде повеќе развој отколку долг. Во спротивно, ќе останеме во истиот круг повеќе расходи, поголем дефицит, ново задолжување и вечна надеж дека следната година економијата конечно ќе порасне сама од себе.

(Авторот е економски аналитичар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот