Емир Хасановиќ/ Фото: Приватна архива

Опојниот мирис на победата и лилјаните: рецепт за ароматерапија на балканските тегоби

Босна и Херцеговина, една мала навидум безнадежна земја направи од ништо-нешто. Не само нешто, туку приреди глобален спектакл на теренот, трибините и социјалните медиуми кој ја шармираше светската публика. Репрезентацијата на Босна и Херцеговина извојува победа и пласман во најдобрите 32 фудбалски тима во светот. Тоа не е мал подвиг, сепак зборуваме за најважната споредна работа во светот. Дополнително, нивните симпатични стихови „I am from Bosnia, take me to America“ станаа вирални и вистинска сензација заедно со хорското грмење на молските ноти на Халид Бешлиќ. Овој ароматски коктел мириса на победа со подноти на лилјани во кои лежат лекции кои го надминуваат фудбалот. На крајот од денот, како што вели Сартр, фубалот е само метафора за животот.

Ретко слушаме за Босна и Херцеговина, а кога ќе чуеме за неа вообичаено тоа е за некаква политичка криза, безнадежност, сивило или историски трагедии и злодела. Овој пат, шармантните Босанци не потсетија на една друга нивна карактеристика која ја делат со своите братски балкански народи, а тоа е инаетот и к’ната. Често овој инает кој се граничи со лудило нас балканците не чинел многу, но кога на тоа лудило ќе се додаде метод, фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина покажува дека може да биде рецепт за успех. Овој успех воопшто не е случаен и може да биде матрица за тоа како ние балканците да се справиме со нашите современи предизвици и можеби да направиме некаков пресврт.

Босанската бајка започнува со Емир Спахиќ, врвен поранешен фудбалер со кариера во силни европски екипи како Баер Леверкузен, Хамбург, Монпелје и Севиља и поранешен капитен на репрезентацијата на Босна и Херцеговина кој е назначен за спортски директор на репрезентацијата во 2024. Од самиот почеток претставува една нова визија за развојот на репрезентацијата која се темели на користење на најголема слабост на земјата како адут – иселувањето. Како играч познат по својот радикален, упорен и темпераментен пристап тој се поставува на ист начин во својата нова улога како директор и бескомпромисно ја турка и наметнува неговата визија како нов модус операнди. Во изборот на селектор лобира во корист на Сергеј Барбарез, поранешен играч од сличен профил со слична историја, реноме и со сличен карактер на Спахиќ на личен план, не само во фудбалот. Заеднички почнуваат ново поглавје за Босна и Херцеговина, а нивен глас и сојузник на теренот е ветеранот и поранешен соиграч на двајцата, 39-годишниот капитен, Един Џеко.

Босна и Херцеговина има 3,4 милиони жители и дијаспора која брои над 1.2 милиони според податоците на Светска Банка. Теоријата на Спахиќ е дека огромната босанска дијаспора може да биде едно огромно поле на жетва за надежни таленти кои минуваат низ развиени фудбалски академии и носат современа структура и дисциплина што традиционално им недостигала на балканските играчи. Тој заминува на глобална мисија да „лови клинци“ низ белиот свет со цел да ја обезбеди нивната репрезентативна заложба пред да го направат тоа нивните нови матични земји.

Понудата на Спахиќ кон младите играчи е едноставна и реална: Босна и Херцеговина нуди минутажа која не би ја добиле во поголемите репрезентации што значи изложеност на меѓународни скаути и шанси за подобра клупска кариера, но и емоционална врска со корените. Последното е клучно за родителите на младите играчи кои се подеднакво битни да се придобијат. За возврат, босанската репрезентација би добила на квалитет по светски стандарди со минимален влог. Најважно од се во оваа приказна е кој ова го нуди – Емир Спахиќ, фудбалер кој играл на самиот врв на европскиот фудбал и ја однел босанската репрезентацијата на првото светско првенство во својата историја како капитен. Човек со меѓународно професионално реноме, кредибилитет и врвен спортски интегритет.

Како резултат на неговата неколкугодишна работа, дури 17 од 26 пријавени играчи Босна и Херцеговина за светското првенство се родени во странство. Дополнително, Босна и Херцеговина е трета најмлада екипа на светското првенство со 25,6 години во просек што значи дека ова не е само епизоден успех, туку темел за една нова фудбалска филозофија. Еден убав момент кој уште повеќе ја краси босанската репрезентација е нејзината шареноликост и состав кој вбројува Бошњаци, Срби, Хрвати кои заеднички работат на иста цел – победа. Хрват селектор, Бошњак капитен, прв стрелец на мундијалот Србин. Голема симболика земајќи ја предвид крвавата историја на оваа комплицирана земја.

Како резултат на работата на Спахиќ и инаетот на играчите, Босна и Херцеговина ги мрси сметките на фудбалски гиганти меѓу кои и Италија која беше поразена во баражот кој го обезбеди пласманот на светското првенство за популарните „змејови“. Но, младата босанска репрезентација очигледно не заминала да се прошета на мундијалот туку сериозно да се бори за резултат. Нивната вообразеност и зрелост која ги надминува годините вродува со плод и пласман во нокаут фазата од натпреварувањето, пласирајќи ја малата Босна во најдобрите 32 репрезентации во светот за прв пат. Тоа е моделот на игра и менталитетот кој го носи странската фудбалска академска школа кој традиционално недостигал на Балканот покрај изобилството на сиров спортски талент.

По победата над Катар и пласманот во нокаут фазата, општеството во Босна и Херцеговина е во тешка еуфорија која раѓа еден нов оптимизам дека сепак Балканот има капацитет да блесне во светски димензии. Оптимизмот се шири во епидемиски размери и една генерација на деца низ босанските сокаци повторно има победници кои се едни од нив за свои идоли. Низ фан зоните и улиците на светското првенство Босанците се сензација на која светот не останува рамнодушен поради нивниот шарм и топлина. Навистина, понекогаш најблескавите искри на надеж знаат да излезат од најбезнадежните места. Лекцијата за нас и сите земји од балканот во случајот на Босна и Херцеговина е неколкукратна и го надминува фудбалскиот успех. Во пристапот на Спахиќ има нешто едноставно и применливо во речиси сите сфери.

Прв заклучок е дека талентот и младината кој Балканот ги губи поради одлив на мозоци на сите полиња не секогаш е лоша работа. Сепак, тие луѓе се надградуваат надвор и не стануваат странци преку ноќ, па дури ни во една генерација. Исто така, тие со заминувањето стекнуваат искуства и вештини кои не би ги стекнале во своите татковини. Поразвиениот пазар се темели на посовремени практики кои се супериорни во однос на нашиот. Балканските држави можат да капитализираат на тие луѓе бидејќи иако западот нуди можности, стаклениот плафон е реалност која сепак во одреден момент може да значи крај за вертикалната мобилност. Кај нас, тоа не би било случај доколку валутата при селекција би била квалитет, успех и пласман на светските пазари и учество во клучните глобални текови. Токму по логиката на примамување на сегашните играчи на Босна и Херцеговина кои го постигнаа овој успех. Враќање дома на овој профил на луѓе во кој било економски домен би можело да биде огромно општествено освежување и модернизација на пазарот, бизнис климата, академските средини, технологијата и останатите развојни полуги на стопанството. Ова е клучно и тешко остварливо но не и невозможно како што фудбалски докажаа Спахиќ и Барбарез. Трезвен професионалец не би се одлучил лесно или по секоја цена, туку има низа предуслови кои мора да се обезбедат.

Второ, доколку луѓето кои се светски образовани и имаат меѓународно професионално реноме во светот веќе делуваат во својата татковина треба да бидат ползувани како своевидни амбасадори и доказ за концепт – Балканот има место за успешните. Луѓето кои ги имаат овие карактеристики, а решиле да направат нешто дома во своето поле во трговијата, науката, технологиите, или која било друга гранка мора да бидат не само поттикнати туку активно промовирани од државните институции со цел да ги привлечат своите врсници назад или барем да покажат дека сепак не мора да се оди надвор за да се исполни човек професионално. Тие би биле своевидни примери со кои младите би можеле да се поистоветат и во кои може да се препознаат, онака како што младите босанските играчи се поистоветуваат и препознаваат во Спахиќ и Барбарез и имале доверба во нивната понуда.

Трето, Балканот мора да се оперира од докажување на валидноста на своето постоење преку минатото, туку да го бара своето место во сегашноста. Историски прашања има во изобилство, но балканските држави кубурат со смислата на сегашноста. Тоа е една од главните причини што младите не можат да се пронајдат во современиот контекст. Преку уметноста која ако се увезува не би ги „убила“ домашните производи туку би ги натерала да се приспособат на глобалните текови, младиот човек би можел да се почувствува помалку изолиран од своите врсници во странство. Мора да станеме редовна дестинација на светските турнеи, мора да креираме домашна филмска содржина што е интересна и за меѓународна публика не само поради нејзината траорност и патос туку и поради вредностите и нашите квалитети. Бидејќи на крајот од денот и да се заработува добро парите кои се заработуваат мора да се трошат на слатки задоволства. За разлика од репрезентативниот фудбал, враќањето на цели плејади на луѓе бара покомплексна општествена инфраструктура, а тоа не се прави со гледање назад туку со концентриран фокус на сегашноста и иднината.

Четврто, мобилноста во регионот мора да стане реалност бидејќи сме премали и прездодевни за амбициозни кадри. Голема компанија во држава од 2 милиони луѓе е просечна фирма во европски град. Апсурдни се условите за престој и бизнис соработка во регионот. Мора во целост да се отстранат сите пречки во трговијата, патувањата, па дури и престојот во балканските земји. Не постои губитник во овие процеси бидејќи на овој начин балканските држави би создале покохезивни заеднички приказни во секојдневието. Не постои практична причина зошто граѓанин од Сараево не би можел да живее во Скопје или бизнисмен од Тирана не би можел да склучи договор со клиент во Подгорица. На овој начин се развива поголем пазар, се зголемува здрава конкурентност која не е асиметрична како што тоа би било со пазарите на поголемите европски земји, културните врски јакнат и едноставно се кали една нова генерација на автохтон балкански космополитизам.

На овој начин, на повеќе полиња, балканските држави имаат шанса да направат епохален пресврт и да доживеат други победи слични на оваа големата босанска. Овие денови во Сараево, а и во регионот мириса победата, мириса оптимизмот опојно како своевидна ароматерапија од лилјани која би можела да биде рехабилитација на тешко болниот Балкан. За ова, едно големо благодарам и браво во име на сите нас. Браво Емир Спахиќ, Браво Сергеј Барбарез, Браво Един Џеко, Браво Керим Алајбеговиќ, Браво Никола Васиљ, Браво Јово Лукиќ, Браво Босна. Ни ја кренавте главата на сите од регионот и ни дадовте солидна причина да се чукнеме во гради и да кажеме – јас доаѓам од тоа соседство, јас сум од тој ков.

(Авторот е експерт по стратешки комуникации)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот