Соња Крамарска/ Фото: Архива

„Среќните добитници“ на Државна лотарија

Лотарија повторно усреќи заслужни поединци. Тие за разлика од упорните играчи на лото, не морале да пополнат ливче, партијата пополни за нив.

Барабанот на среќата продолжува да врти во Државна лотарија. И оваа година како и минатата, Лотарија усреќи заслужни поединци. Тие за разлика од упорните играчи на лото, не морале да пополнат ливче. Партијата пополнила за нив, а тие ја зеле добивката. На некои во државава навистина им се познати лавиринтите на среќата. Знаат како да стигнат до неа.
Државна лотарија останува да биде ресурс за купување гласови на избори. И во оваа и во претходната власт. Ја замени Државна пошта чии извори изгледа секнаа, па станува сè помалку атрактивна. Но тука е Лотарија да го продолжи делото. И секако милион сонувачи што еднаш неделно уплаќаат лото од своите скромни буџети или купуваат разно-разни талончиња популарно познати како „среќки“. Само што, ни во сон не можат да претпостават дека нивните пари ќе завршат во џебот на некој скриен партиски активист што тајно одработува за власта, а јавно е угледен господин или госпоѓа во својата професија.

И сега што е поисплатливо: да гребете „среќки“ или да се гребете во партијата?

Зачудувачки е како информациите за распределба на донации и хонорари на надворешни лица општеството ги третира само сеирџиски наместо институционално. Сѐ завршува со објавување на списоците, реакции на социјалните мрежи, а потоа молк од институциите.

Привидна транспарентност

Државна лотарија  е акционерско друштво во државна сопственост и транспарентноста треба да биде на највисоко ниво. Но само еден поглед врз интернет-страницата на компанијата е доволен да се види дека друштвото покажува привидна транспарентност, а не суштинска. Имињата на членовите на Управниот и на Надзорниот одбор се само наведени и нема ниту ред за нивните биографии и зошто токму тие се избрани на овие позиции. Биографија нема ниту на генералниот директор Александар Климовски, што е недопустливо во сериозна компанија во државна сопственост. Тој е професор на Правниот факултет во наставно научната област Право на друштва, што секако го квалификува за прв човек на Државна лотарија, но движењето низ неговата научна и политичка кариера останува енигма за тие што не го знаат.

Дека Државна лотарија е претворена во инструмент за купување наклоност кон Владата сведочат долгите списоци на хонорарци за кои никој не знае каков придонес даваат во работењето на оваа државна компанија. Компанијата доделува и спонзорства и донации без јасно утврдени критериуми. На списоците на добитниците се лица поврзани со владејачката ВМРО-ДПМНЕ, познати пејачи, новинари, маркетинг-агенции, па дури и здравствени установи.

Добивањето пари од Лотарија е навидум едноставно, но очигледно се одржува во тесен круг на личности. Заинтересираните предлагаат проекти до Државна лотарија, а според медиумските извештаи, Надзорниот одбор одлучува кому ќе додели средства а кому нема да додели. Во Надзорниот одбор според веб-страницата на компанијата се Марјанчо Тодоровски, претседател, и членовите Елена Петрушевска, Горан Андриевски, Александар Трајковски и Марин Алексов. Лотарија не се потрудила во име на транспарентноста да ги објави и нивните биографии иако вршат важна функција да носат одлуки каде ќе одат парите на оваа компанија во државна сопственост. Не се објавени ниту образложенијата зошто некои проекти и барања за спонзорства се прифатени а зошто некои се одбиени.

Сите знаат но молчат

Институциите задолжени за законитост во работењето на државните компании барем досега не се заинтересираа за списоците на „среќните добитници“ на Државна лотарија. Ниту обвинител реагира на допрен глас ниту, пак, некаква вонредна ревизија се прави. Молчи и Владата која ги влече конците во заднина и управува со ресурсите на Државна лотарија за неформално наградување на нејзините поддржувачи. Со еден збор, сѐ се одвива во совршен ред како што е својствено на држава без контролни механизми.

Притоа воочливо е дека според списоците што беа објавени во јавноста од страна на упорните новинари на Портал Икс, не се водело сметка ниту за можен судир на интереси. Ако се водело сметка сигурно немало меѓу „добитниците“ да бидат и лица од премиерското обезбедување. Таква дрскост и игнорирање на елементарните правила во управување со јавните ресурси укажува на неограничена и неконтролирана моќ на првите луѓе во  државата.

Антикорупциската комисија можеби има нешто да каже за тоа. Да ги прочешла списоците и да побара објаснувања. И секако да ја извести јавноста. Или и во овој случај ќе треба да дојде до смена на власта, па потоа да слушаме за тоа  како се делеле парите од Лотарија.

Во последниот ревизорски извештај за работењето на Државна лотарија објавен во декември 2025, излегоа податоци дека компанијата не го внесувала редовно на своите банкарски сметки дневниот пазар од продажбата на лотариски и електронски игри на среќа. Според законот, тие требало дневниот пазар да го уплаќаат на сметките најдоцна наредниот ден, но во 2024 година само двапати уплатиле пари, но и тие биле прво подигнати од сметка, а потоа вратени како уплата. Не воделе ни посебна книга или таканаречен благајнички дневник што овозможува на парите лесно да им се губи трагата. Меѓутоа и овој ревизорски извештај изгледа само ја збогати колекцијата на ревизорски извештаи што обвинителството ги чува во фиока.
Игнорирањето на начинот на кој се распределуваат парите на Државна лотарија е уште еден симптом на нефункционирањето на државата. А и кој треба да се занимава со тоа кога Државна лотарија е сечија и ничија и оние што треба да се грижат за законитоста на нејзиното работење се истите што диригираат со доделувањето пари на „среќните добитници“. Подобро да ја крстат партиско отколку акционерско друштво.

(Авторката е новинарка)

Дојче веле

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот