Премиерот и мобилниот

Не е толку лош Стармер колку што сакаат да го прикажат некои. Квалификуван е и добронамерен, релативно добро ја води надворешната политика, се справи со Трамп и не возврати со лични навреди и квалификации. Точно дека нема харизма и дека неговите говори не предизвикуваат силни реакции. Ама чесен е човекот. Ме потсетува на некој кому би му го дале мобилниот да ве слика, без да стравувате дека ќе избега со него, ама тоа не е доволно.

Деновиве на премиерот му се избројани. Или одбројани. И тој замина во политичко-премиерската историја. Која патем, во последните години е многу динамична – се менуваат премиери тука како низ кружните врати на познатиот лондонски хотел „Савој“. Доаѓаат и си одат, некои со стаж од по некоја година, други со страж на траење на зеленчук од типот – марула… И ете, сега си замина и сегашниот, Сер Киер Стармер, кој патем, не сака да си оди. Ама велат тие некои, или ќе скокне од бродот, или ќе биде турнат. Па нека види. Па човекот скокна.

Седум премиери за десет години! Што прави тоа за угледот на земјата? За статусот? И конечно, за курсот на фунтата во Македонија? Ниииишто… Па потоа мене да ми биде незгодно кога девојката во менувачницата во Градски ѕид, спроти Беко, на мојата поплака дека малку добивам за фунтите што ги менувам, ми рече – „е па многу менувате премиери вие таму, што очекувате, да ви зајакне фунтата?“

И куќата му ја запалија

А не е толку лош Стармер колку што сакаат да го прикажат некои, оние што „велат“. Квалификуван е и добронамерен, релативно добро ја води надворешната политика, се справи со Трамп и не возврати со лични навреди и квалификации. Се обидува да се справи и со проблемите на домашен терен, и податоците велат дека и тука има подобрувања, имајќи го предвид катастрофалното наследство од конзервативната влада, од војните во Украина и на Блискиот Исток, како и сајбер нападите од Русија кои и тука се мешаат во домашните работи. Дури и куќата му ја запалија, да, да, онаа во која живееше пред да стане премиер пред околу две години и да се пресели во Даунинг стрит 10. Во текот на шестнеделното судење во познатиот лондонски суд Олд Бејли, поротата слушна дека пожарот во поранешниот дом на Стармер и уште неколкуте „потпалувања“ биле наредени од руски хендлер со шифрирани пораки преку апликацијата Телеграм. Русинот, користејќи го псевдонимот „Ел Мани“ им наредил на Роман Лавронович, во соработка со Станислав Карпиуч и уште еден, да палат, а како награда би добиле надоместок во крипто валута. Истражувањата на „Фајненшел тајмс“ открија дека Ел Мани бил лоциран во Русија и тесно поврзан со „НоНејм057(16)“, про-Кремљ група што е проект на руската влада. Би-би-си, пак, откри дека Ел Мани, или попознат како ЕЛ на Телеграм е млад руски дипломат обучен од шпиони и пропагандисти за информатичка војна и кој е во највисоките врвови на моќ во Москва. И дека се вика Евгениј Лукашин, има 23 години и е син на висок владин функционер. Инаку, опожарувањето е само дел од широката кампања на саботажа, провокации и лаги во ЈуКеј која потекнува од руската држава. А Британија се смета како „мека цел“, зашто сè уште ги нема обучено луѓето како да се справуваат со информациска манипулација.

Фараж купи куќа

Но Стармер, кој нападите ги оцени како напад врз демократијата, има и други, домашни проблеми. Успехот на партијата на Најџел Фараж на локалните избори минатиот мај, го започна нишањето на столчето на Стармер. Кога неколкумина поранешни министри од конзервативците решија да се приклучат на Реформа, тоа не ја вознемири премногу владата. Многумина оценија дека дел од конзервативците си ги покажаа вистинските бои кога почнаа да кокетираат со антиимиграциската реторика на Фараж, главно без конкретни факти, со многу расизам и поприлично непознавање на водењето совети, општини, градови, а за држава и да не зборуваме.

Колку за илустрација, многумина од „од ракав извадените кандидати“ на Реформа на локалните избори кои успеаја да влезат во власта, сега се откажуваат зашто не знаеле дека работата е бесплатна, некои не знаат што треба да работат, седуммина се суспендирани поради разни расистички и мизогини изјави, за еден е откриено дека не постои, а еден беше разочаран зашто мислел дека е избран да биде во Парламентот.

Лидерот Фараж во последно време малку се појавува во јавноста. Можеби затоа што е на мета на критики дека зел (а не пријавил) пет милиони фунти од крипто милијардерот Кристофер Харборн кој живее во Тајланд, но многу се интересира за британската политика и за Реформа. Прво Фараж рече дека парите се за да си обезбеди безбедност, потоа како награда за кампањата за Брегзит, за потоа да си купи куќа од еден и пол милиони фунти. Сега ова го истражува парламентарен комитет, ама комитет како комитет, уште заседава.

Како до врвот?

Проблемите започнаа по локалните избори, кога аспирантите за лидерското место почнаа да коваат планови како до врвот. Прво оставка поднесе министерот за здравство Вес Стритинг, кој кажа дека планира да стане премиер. Анџела Рејнер, поранешната заменичка лидерка која поднесе оставка поради наводите за неплатен данок од продажба на куќа, најави дека е сè уште во игра и таа е популарна кај таканаречените „бекбенчери“ кои имаа прилично левичарски погледи и сакаат пари насочени за социјална помош, а не за одбрана. Што предизвика оставка на министерот за одбрана, угледниот Џон Хили, за кого недоволниот буџет за одбрана во време на меѓународни турбуленции беше капка која ја прели чашата. И на крајот, популарниот градоначалник на Манчестер, Анди Брнам, кој се кандидираше за пратеник и ги доби изборите во Мејксфилд и кого го спремаат за наследник на Стармер. Кој, пак, изјавува дека нема намера да се повлече…

Да ви кажам право, мене некако ми доаѓа жал за Сер Киер. Точно дека нема харизма и дека неговите говори не предизвикуваат силни реакции. Ама чесен е човекот. Ме потсетува на некој кому би му го дале мобилниот да ве слика, без да стравувате дека ќе избега со него. Ама изгледа дека во денешно време, кога политиката ја водат оние кои ќе избегаат не само со мобилниот, туку со сè што можат да кренат, тоа не е доволно.

(Авторката е новинарка)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот