За пироманите во Македонија и Бугарија
Тензиите меѓу Македонија и Бугарија ескалираат, а инцидентите се последица на долгогодишна конфронтација и националистички наративи.
Двата запалени автомобили на бугарската амбасада во Скопје и најавите за блокади на границата од бугарски невладини организации, и покрај обидите да се претстават како такви, сепак не се наивни, изолирани инциденти. Тие се последица на една политичка атмосфера која со години се гради од двете страни на границата – еден, во основа адолесцентен, однос кон пошироката слика, заглавен во политички предаторски и локални популистички наративи, кој заедно создава вкупна атмосфера во која конфронтацијата носи повеќе политички поени од дијалогот, а навредата станува повредна од аргументот.
Имено, во политиката ретко се случува инцидентот да се појави пред дискурсот. Обично е обратно: најпрво доаѓаат годините на пораки дека соседот претставува опасност, па потоа доаѓаат обвинувањата, провокациите и националните мобилизации. На крајот, имајќи предвид дека на Балканот никогаш не сме имале дефицит на будали, некој ќе заклучи дека е време зборовите да се претворат во дела.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Токму таков процес гледам во македонско-бугарските односи, и тој се движи кон ескалација, а не кон смирување. Во таков амбиент, не само политиката, туку и народите ќе станат непријатели, нешто што потоа нема да може да го поправиме цела една генерација. Ова не е литургија за тоа кој е виновен – тука сме ние, а и тие, секако субјективни – туку е обид да се анализира ситуацијата со ладна глава и да се видат можните последици.
Натпревар во политичко плукање
Во изминатите неколку години политичкиот дијалог меѓу Скопје и Софија постепено се претвори во натпревар во политичко плукање – кој ќе испрати поостра порака кон другата страна. Наместо дипломатски јазик и конструктивен пристап, доминираат пораки за историски неправди, негирање, предавства и национални закани. Наместо визија за заедничка европска иднина, јавноста во двете земји се храни со романтични и националистички приказни за минатото, за старите конфликти и за нерешените историски сметки.
Во Бугарија, Македонија стана совршено поле за демонстрација на национален патриотизам – речиси секоја политичка криза во Софија (а ги имаше доста), како по рецепт, е придружена со нова дебата за Македонија. Тамошните политичари, се разбира некои спонтано, а други по агенда, но вкупно брзо открија дека тврдите позиции носат аплауз, додека умереноста се претставува како слабост. Така, се создаде политичка клима во која секој компромис се доживува како национално отстапување, а секое попуштање како предавство на историјата. Овој тренд продолжува и денес, кај некои поттикнат од национализам, кај други од популизам, но во основа со еднаков резултат.
Истовремено, во Македонија се развиваше спротивен, но подеднакво проблематичен процес. Бугарија постепено се претвори во архетип на вековната жртва на македонскиот народ, во епски симбол на неправда и надворешен притисок – наративи на кои ние сме, секако, податливи. Ветото, барањата поврзани со Уставот и честите контроверзни изјави од бугарски политичари создадоа и постојано поттикнуваат силно чувство на понижување кај голем дел од јавноста. Уредно, политичките партии брзо сфатија дека конфронтацијата со Софија носи поддршка и емотивна мобилизација, што резултира со атмосфера во која и оној кој ќе се осмели да повика на разумен разговор ризикува да биде обвинет за попустливост или предавство.
Затворен круг без излез
Така, ние создадовме затворен маѓепсан круг во кој, колку повеќе се заоструваше реториката во Софија, толку повеќе растеше револтот во Македонија. Колку повеќе растеше револтот во Македонија, толку полесно бугарските националистички кругови ја претставуваа земјата како проблематичен сосед. Секоја нова провокација стануваше оправдување за следната. Еден културен клуб, една историска изјава, едно знаме, една комеморација или еден дипломатски инцидент престануваат да бидат поединечни настани – напротив, тие стануваат дел од поголема приказна во која секоја страна е убедена дека е жртва, а другата страна агресор.
За политичките елити, ова е совршен хабитат – комотен и податлив за манипулација. Конфликтот, во принцип, ја сведува политиката на најмал заеднички содржател – наместо да се зборува за економија, корупција, здравство или иселување, навлечени сме на национализам, приказна стара колку и регионот. Националниот спор станува најсигурниот начин за собирање политички поени.
Во тој процес политичарите често забораваат дека нивните зборови не остануваат само во телевизиските студија или на собраниските говорници – тие се прелеваат во јавниот простор, а оттаму и во реалниот живот. И така, кога со години се зборува дека некој сосед е непријател, кога јавноста постојано се убедува дека се води борба за национален опстанок, кога секој компромис се претставува како капитулација, тогаш се создава средина во која радикалните постапки почнуваат да изгледаат како логично продолжение на политичката приказна.
Токму затоа запалените автомобили и блокадите на границите не треба да се гледаат само како политички или полициски инциденти – тие се, всушност, аларм за состојбата во која се наоѓаат односите меѓу двете држави.
Новото нормално
Притоа, најстрашното е што тензијата и антагонизмот одамна престанаа да бидат привремени ескалации, туку станаа новото нормално – трајна политичка состојба без визија за промена. Во вакви околности, цела една генерација млади Македонци и Бугари расте слушајќи дека односите меѓу двете земји претставуваат проблем, а не можност, дека сме непријатели, а не соседи – еден прилично инфантилен и тесен поглед на состојбите.
Наместо да се градат мостови (онаму каде што тоа е возможно, без игнорирање на проблемите), се градат политички ровови. Наместо да се создаваат заеднички интереси, се произведуваат нови причини за недоверба. Затоа, денешната криза не е само резултат на еден инцидент, една организација или една изјава – таа е последица на долгогодишно политичко производство на конфликт.
Ние сега сме во амбиент во кој националната реторика се дочекува со аплауз, а умереноста со казни и обвинувања за предавство – и во Македонија и во Бугарија.
На крајот, запалените автомобили можат да се поправат и заменат, а блокадите се сепак привремени, но последиците од долгорочното труење на јавната атмосфера ќе нѐ прогонуваат со генерации. Дури и да прифатиме дека сегашните инциденти не се спонтани, туку последица на разузнавачко мешање, амбиентот ќе остане, а ние, ако не смениме нешто, ќе останеме полигон за такви вежбанки.
(Авторот е политички аналитичар и публицист)
Дојче веле
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


