Фото: EPA/Mauricio Duenas Castaneda

Кандидатот поддржан од Трамп тесно победи на изборите во Колумбија — демонстранти палеа американски знамиња

Де ла Есприела најавува прекин на преговорите со вооружените групи, посилна воена офанзива со поддршка од САД, изградба на големи затвори во џунглата, кратење на државниот апарат и реформи во здравството.

Десничарскиот кандидат Абелардо де ла Есприела, според првичните резултати, тесно победи на претседателските избори во Колумбија, што означува голем политички пресврт во земјата и најавува поостар пристап кон внатрешниот вооружен конфликт, криминалот и насилството, објави „Би-би-си“.

Де ла Есприела, кој доби поддршка од Доналд Трамп, најави воена пресметка со нелегалните вооружени групи, наркокартелите и со организираниот криминал. Според првичните податоци, со преброени над 99 отсто од гласовите, тој освоил околу 49,7 проценти, додека, пак, неговиот левичарски противкандидат Иван Сепеда, близок сојузник на претседателот Густаво Петро, освоил околу 48,7 проценти.

Сепеда не го призна поразот, наведувајќи дека резултатите сè уште не се официјални ниту обврзувачки. Тој порача дека ќе го признае исходот по официјалната проверка и верификација на резултатите.

„Започнува нова ера за Колумбија“

По објавувањето на првичните резултати, Де ла Есприела им се обрати на своите приврзаници во Баранкиља, каде што беше пречекан со прослава. Тој изјави дека започнува „нова ера“ за Колумбија и вети дека ќе биде претседател на сите граѓани, без разлика за кого гласале.

Неговите поддржувачи носеа жолти дресови на колумбиската фудбалска репрезентација, мавтаа со знамиња и скандираа против Петро. Дел од нив носеа капи инспирирани од кампањата на Трамп, со слоган „Направете ја Колумбија повторно голема“.

Трамп ја поздрави победата на Де ла Есприела на својата платформа „Трут соушал“, пишувајќи дека тој „победил убедливо“.

Трамп ги поддржува трговците со дрога пред вториот круг на изборите во Колумбија, обвини Густаво Петро

Демонстранти палеа американски знамиња

Сепак, тесниот резултат предизвика загриженост кај поддржувачите на Сепеда, кои предупредуваат дека земјата е длабоко поделена.

Во Кали беа пријавени судири меѓу демонстранти и полицијата, при што дел од демонстрантите палеле американски знамиња, а полицијата употребила солзавец.

Претседателот Густаво Петро на платформата „Икс“ напиша дека никој не може да биде прогласен за претседател врз основа на прелиминарен резултат и побара ревизија на изборниот софтвер, тврдејќи дека дел од избирачките места биле компромитирани, но без да приложи докази.

Де ла Есприела е адвокат и бизнисмен без претходно политичко искуство.

Како адвокат застапувал контроверзни клиенти, меѓу кои Алекс Сааб, сојузник на поранешниот венецуелски лидер Николас Мадуро, како и Давид Мурсија Гузман, еден од најпознатите измамници во Колумбија. Тој тврди дека тоа било дел од неговата работа како одбранбен адвокат.

Де ла Есприела ветува големи затвори во џунглата

Поради неговите безбедносни политики, честопати го споредуваат со претседателот на Ел Салвадор, Најиб Букеле. Де ла Есприела најави дека ќе ги прекине преговорите со нелегалните вооружени групи и ќе воведе поцврста воена стратегија, со поблиска соработка со САД.

Тој вети и изградба на големи затвори во џунглата, намалување на државниот апарат и реформи во здравствениот систем.

Колумбија со децении се соочува со внатрешен вооружен конфликт, но насилството во последните години се зголеми. Герилските групи, картелите и криминалните структури, меѓу кои дисиденти на ФАРК, ЕЛН и Клан дел Голфо, се борат за контрола врз маршрутите за трговија со кокаин и за нелегалните рудници.

Производството на кокаин во Колумбија, која е најголемиот светски производител, достигнало рекордно ниво.

„Стратегијата на Петро не даде резултати“

Критичарите на претседателот Петро сметаат дека неговата стратегија за „целосен мир“, заснована на преговори со вооружените групи, не дала резултати и им овозможила на тие групи да го прошират своето влијание.

Де ла Есприела има и американско државјанство, кое го добил во 2023 година, откако со години живеел и работел во Мајами. Трамп пред изборите изјави дека тој ќе има „целосна поддршка и сила на САД“.

Изборот на Де ла Есприела се толкува како дел од поширок десничарски пресврт во Латинска Америка, поттикнат главно од загриженоста на граѓаните за безбедноста. Неговата победа ја поздравија и други десничарски лидери во регионот, меѓу кои аргентинскиот претседател Хавиер Милеј и чилеанскиот претседател Хозе Антонио Каст.

Колумбиската морнарица уништи десетици лаборатории за дрога и заплени два тона кокаин

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот