Фото: Јутјуб / Еди Рама / скриншот

„Жртви на политички каравани“ — Рама ги критикуваше Албанците од Македонија што протестираа во Тирана

Албанците од Северна Македонија не се дијаспора на Албанија на туѓа територија. Заедно со Македонците, тие се составен народ во својата земја. Дијаспората се емигранти кои живеат во странски земји, а не тие, ниту Албанците од Косово, кои имаат своја независна држава, рече албанскиот претседател Еди Рама.

Албанскиот премиер Еди Рама го критикуваше учеството на македонски и косовски граѓани на протестите во Албанија.

Тој преку објава на социјалните мрежи порача дека „Албанците од Северна Македонија не можат да се сметаат за дијаспора на Албанија, исто како што Албанците од Косово не можат да се сметаат за такви“, пренесува „Албанска пошта“.

Рама ги критикуваше организаторите кои, според него, донеле Албанци од Приштина и Тетово на протестите, а учесниците ги нарече „жртви на политички каравани“.

„Албанците од Северна Македонија не се дијаспора на Албанија на туѓа територија. Заедно со Македонците, тие се составен народ во својата земја. Дијаспората се емигранти кои живеат во странски земји, а не тие, ниту Албанците од Косово, кои имаат своја независна држава“, напиша Рама.

Според Рама, употребата на национални знамиња и албански симболи во протестите за барање соборување на владата на Албанија го нарушува имиџот на Албанците во регионот и на меѓународната сцена.

Тој, исто така, упати обвинувања за финансирањето на овие движења, наведувајќи дека нивните спонзори трошат пари само за да го нарушат имиџот на косовските и македонските Албанци.

Во својата реакција, Рама се фокусираше и на употребата на знамето на ОВК во протестите, нарекувајќи го ова „сквернавење“ на симболот на ослободителната војна.

„И никогаш нема да ми излезе од памет сквернавењето на ослободителното знаме на ОВК, кое се издига како знаме на омраза за соборување на владата во Тирана“, рече тој.

На крајот од објавата, Рама побара неговата изјава да не се толкува како напад врз премиерот на Косово, Албин Курти.

Тој нагласи дека не го смета Курти за одговорен за активистите на Ветевендосје кои, според него, биле вклучени во протестот.

„Оставете го Албин Курти надвор од оваа чорапа“, се заклучува во реакцијата на премиерот.

Албанија веќе повеќе од 20 дена се соочува со континуирани протести, наречени „Револуција на Фламинго“, предизвикани од контроверзен проект поврзан со планираната изградба на луксузен туристички комплекс поврзан со зетот на претседателот на САД, Доналд Трамп, Џаред Кушнер.

Демонстрации беа организирани и во албанската дијаспора во Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Шведска и Австралија.

Учесниците во протестот бараат прекин на проектот, укинување на законот за стратешки инвестиции и измени на регулативите за заштитените подрачја, како и оставка на премиерот Рама.

ВИДЕО | Во Тирана се одржа најмасовниот протест против проектот на Кушнер – 250.000 демонстранти излегоа на улиците

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот