Венеција воведува такса за туристи од дури 50 евра?
Борбата против масовниот туризам во Венеција би можела да влезе во нова фаза.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Новиот градоначалник на градот на каналите, Симоне Вентурини, предложи драстично зголемување на влезницата за еднодневни посетители, која би можела да достигне и до 50 евра во деновите на најголема посетеност. Иако целта е да се намали притисокот врз историското јадро на еден од најпосетуваните градови во светот, предлогот веќе предизвика дебата за тоа дали толку висока такса би можела да ја ограничи слободата на движење на туристите.
– Ако таа цена моментално е помеѓу пет и десет евра, мојот предлог е да се зголеми на помеѓу 30 и 50 евра во одредени денови – рече Вентурини.
Вентурини победи на локалните избори на крајот на мај како кандидат од деснчарите и го наследи Луиџи Бруњаро, кој ја држеше функцијата градоначалник во претходните десет години. Во моментов, секој што ја посетува Венеција само за еден ден мора да плати влезница од 10 евра, дури и ако помине само неколку часа во градот. Посетителите кои го резервираат своето пристигнување најмалку три дена однапред плаќаат пет евра.
Оваа мерка беше воведена како дел од борбата против масовниот туризам, кој со години е еден од најголемите предизвици за градот познат по своите канали и историско јадро. Сепак, критичарите тврдат дека сегашниот износ не е доволен за да ги одврати голем број еднодневни посетители од доаѓање.
За време на предизборната кампања, Вентурини предложи дополнително да се зголеми цената на билетот во деновите за кои се очекува особено голем прилив на посетители, со цел да се намали притисокот врз градската инфраструктура и локалното население. Сепак, новиот градоначалник нема можност самостојно да донесе таква одлука. Иако таксата беше воведена врз основа на општинските прописи, нејзиниот максимален износ е дефиниран со националното законодавство, поради што зголемувањето би барало координација со властите во Рим.
На можни правни пречки предупреди и експертот за уставно право Лудовико Макароли, кој за весникот „Кориере дела Сера“ изјави дека наплатата на влезница од дури 50 евра може да се протолкува како ограничување на слободата на движење на граѓаните и туристите- пишува Каматица.
Нови туристички такси во европските градови, во еден ќе бидат дури 20 евра на ден


