Василија Чали, директорка на Дирекција за култура и уметност на Скопје која го организира „Скопско лето“

Интервју со Василија Чали: „Скопско лето“ е простор за средба на различни култури, идеи и уметнички изрази

Дирекцијата за култура и уметност на Скопје со гордост и со силен ентузијазам го одржува континуитетот на „Скопско лето“, а директорката Василија Чали активно дејствува и за постојан развој на фестивалот.

Нова енергија придвижена од силен ентузијазам стои зад организацијата на најдолготрајната летна манифестација во Скопје. Со текот на годините „Скопско лето“ стана бренд без кој не можат да се замислат летните денови во главниот град, а новата екипа што стои зад неговата организација и реализација точно ја почувствувала поврзаноста помеѓу уметноста, културата, градот, уметниците и публиката.

Особено силен печат на „Скопско лето“ дава континуитетот и традицијата, кои се главниот поттик за Дирекцијата за култура и уметност со уште посилен ентузијазам да ја остварува својата летна мисија.

Традиционално, програмата на „Скопско лето“ почнува на 21 јуни, првиот ден на летото, и ќе трае до 30 јули. Целата програма веќе е конципирана и објавена, а со Василија Чали, директорка на Дирекција за култура и уметност на Скопје, разговаравме за предизвиците со кои се соочиле при подготовката на 47. издание на „Скопско лето“.

Фестивалот „Скопско лето“ има традиционален формат, 40-дневна програмска содржина и многугодишен континуитет. Какви се плановите за одржување на континуитетот оваа година?

– „Скопско лето“ веќе 47 години претставува еден од најпрепознатливите културни симболи на градот Скопје и фестивал што има значајно место во културниот живот на државата. И оваа година продолжуваме со традиционалниот 40-дневен формат, со богата и разновидна програма што ќе донесе повеќе од 50 културни настани на различни локации низ градот.

Континуитетот за нас не значи само одржување на традицијата, туку и постојано вложување фестивалот да се развива и да остане релевантен во современиот културен простор. Денес, одржувањето на фестивал со ваков обем претставува сериозен организациски и финансиски предизвик, особено ако се има предвид дека „Скопско лето“ не е еднодневен настан, туку фестивал кој речиси месец и половина носи континуирана културна програма.

Верувам дека фестивали како „Скопско лето“ треба многу повеќе да се препознаваат како важна културна вредност и простор во кој вреди да се инвестира. За вакви фестивали да опстојуваат и да се развиваат, потребна е поширока поддршка и поголемо вклучување од сите чинители што имаат влијание во културата и јавниот живот.

Програмата е разновидна и ги опфаќа сите уметности. Каква селекција на настани направивте за годинашното „Скопско лето“?

– Публиката ќе може да проследи концерти на класична, џез, етно и современа музика, театарски претстави, изложби, филмски проекции, книжевни настани, мултимедијални проекти и содржини наменети за најмладите. Особено ни е важно фестивалот да биде простор каде што се среќаваат етаблирани уметници и нови авторски гласови, домашната и меѓународната сцена.

Во програмата учествуваат национални установи, културни центри, независни уметници и организации, како и бројни меѓународни учесници. Дел од настаните се реализираат во соработка со амбасади, странски културни центри и меѓународни партнери, што дополнително придонесува за интернационалниот карактер на фестивалот.

Верувам дека токму таа разновидност е една од најголемите вредности на „Скопско лето“ – фестивал што веќе 47 години создава простор за средба на различни култури, идеи и уметнички изрази. Нашата цел беше да создадеме програма што ќе понуди содржини за различна публика, но истовремено ќе го задржи препознатливиот фестивалски квалитет.

Прес-конференција за 47. „Скопско лето“

Колку новата управа на Градот има чувство за традицијата и значењето на „Скопско лето“ и дали добивте поддршка од Град Скопје?

– Оваа година, по четири години, повторно ја добиваме довербата и поддршката од Град Скопје, што за нас претставува значаен чекор и потврда за важноста на фестивалот во културниот живот на градот.

Имавме добра комуникација и поддршка од градоначалникот, особено во делот на користењето на институциите и јавните простори кои се под надлежност на Градот, што е исклучително важно за реализација на фестивал со ваков обем.

Би сакала да истакнам дека и администрацијата и вработените во градските служби секогаш професионално излегуваат во пресрет во однос на документацијата, дозволите и логистичката поддршка потребна за организација на фестивалот. Таквата институционална соработка е многу значајна за успешна реализација на културни настани од ваков карактер.

Каква е соработката со сродните летни манифестации, кои веќе ги има во сите поголеми градови низ државата?

– Летните фестивали и културни манифестации во државата имаат заедничка улога – да го збогатуваат културниот живот и да ја доближуваат уметноста до публиката во текот на летниот период. Секој фестивал има свој концепт, традиција и препознатлив идентитет, што придонесува за разновидноста на културната понуда во различни градови.

Иако годинава немаме заеднички програмски проект со сродни фестивали од другите градови, постои добра професионална комуникација и взаемна поддршка меѓу организаторите на културни настани. Воедно, „Скопско лето“ соработува со многубројни културни институции, национални установи, уметници, амбасади и меѓународни културни центри, што овозможува размена на искуства и збогатување на програмските содржини.

Верувам дека во иднина има простор за уште поголемо поврзување и соработка меѓу фестивалите, бидејќи културата добива најмногу кога институциите и манифестациите работат заедно и се надополнуваат меѓусебно.

Визуелниот идентитет на „Скопско лето 2026“ е изработен од графичкиот дизајнер Климент Коробар

Минатата година првпат се соочивте со организирањето на „Скопско лето“. Какви искуства стекнавте тогаш и што од нив ќе примените оваа година?

– Минатата година за првпат директно се вклучив во организацијата на „Скопско лето“ и тоа ми овозможи многу појасно да ја согледам комплексноста што ја носи еден фестивал со ваков обем, континуитет и значење. Кога зборуваме за „Скопско лето“, не станува збор само за реализација на поединечни настани, туку за фестивал кој 40 дена живее заедно со градот и носи повеќе културни содржини на различни локации, со вклучени институции, уметници, независна сцена и меѓународни соработки.

Едно од најважните сознанија за мене беше колку е предизвикувачки денес да се одржи фестивал со ваков континуитет, особено во услови кога културниот простор е сè повеќе пренатрупан со различни програми и настани, а често и без поширока координација околу термините и културниот календар. Во исто време, сведоци сме на појава на нови програми и концепти кои во одреден дел се инспирирани од моделот и духот што „Скопско лето“ со децении го гради како фестивал.

Од друга страна, искуството уште повеќе ми потврди колку е важно фестивалот да го задржи својот препознатлив идентитет и автентичност. Токму затоа оваа година уште повеќе се фокусираме на квалитетна и разновидна програма, сериозна продукциска реализација и содржини што ќе го задржат духот и препознатливоста на „Скопско лето“.

Минатогодишното искуство ми помогна оваа година многу појасно да ги поставиме организациските и продукциските процеси, со поголема сигурност и координација во самата реализација на фестивалот.

Со каква екипираност ќе работи Дирекцијата за култура и уметност во реализацијата на фестивалот?

– Иако Дирекцијата за култура и уметност работи со ограничени ресурси, зад „Скопско лето“ стои мал, но исклучително посветен и професионален тим, кој работи на реализацијата на фестивалот во текот на целата година.

Во организацијата се вклучени луѓе од различни области – продукција, техничка реализација, односи со јавност, координација со институции и уметници, како и надворешни соработници и партнери кои активно учествуваат во подготовката и реализацијата на програмата.

Мислам дека токму ентузијазмот, искуството и љубовта кон културата се она што го одржува фестивалот сите овие години. Кога се работи за фестивал со ваков обем и континуитет, потребна е голема организација, постојана комуникација и сериозна продукциска посветеност, а нашиот тим навистина вложува огромен напор за „Скопско лето“ да се реализира на професионално ниво и да го задржи својот препознатлив квалитет.

Аманет во свила – Звуците на Македонија од Византија до денес

Со кој настан ќе биде отворено „Скопско лето“ на традиционалниот датум 21 јуни?

– Традиционално, „Скопско лето“ ќе биде отворено на 21 јуни, првиот ден на летото, со свечениот концерт „Аманет во свила – Звуците на Македонија од Византија до денес“, во изведба на Камерниот гудачки оркестар „Полифонија“ и солистот Петар Христов, заедно со гостите Ана Митоска, Горан Трајкоски, Гоце Ристовски, Александар Ицковски и Симон Облешевски.

Станува збор за проект инспириран од културните и духовните слоеви што низ вековите го обликувале македонскиот простор. Преку внимателно избрана музичка програма, концертот ги поврзува византиското наследство, ориенталните влијанија и современиот музички израз во една современа звучна целина. На некој начин, самиот концерт ја отсликува и идејата на „Скопско лето“ – поврзување на традицијата, културната меморија и современата уметност.

Изложба – 75 години Државен архив на Република Северна Македонија

Во рамките на отворањето ќе биде поставена и изложбата „Ризница на постоењето – од документ до историја“, организирана по повод 75 години од постоењето на Државниот архив на Република Северна Македонија. Изложбата преку архивски документи, фотографии и материјали ја прикажува институционалната, културната и историската меморија на Македонија низ различни периоди.

Сметавме дека токму ваков концепт е соодветен за отворање на годинашното издание на фестивалот, бидејќи во себе ги обединува музиката, културното наследство, историјата и современиот уметнички израз – вредности што „Скопско лето“ ги негува со децении.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 336, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.6.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот