Плакат со програмата за четвртото издание на фестивалот за танц

Вечери на класичен и современ танц ќе донесе четвртото издание на меѓународниот фестивал „Креденце данце“

Во рамките на програмата за одбележување на шеесетгодишниот јубилеј на Факултетот за музичка уметност при УКИМ ќе се одржи четвртото издание на фестивалот „Credence Dance – Вечери на класичен и современ танц“.

Фестивалот опфаќа четири вечери и дополнителна програма, со настапи на студенти, алумни и гости од реномирани меѓународни институции. Свеченото отворање е закажано за 20 јуни на големата сцена на Националната опера, со сегменти од балетските класици „Дон Кихот“, „Заспаната убавица“, „Рајмонда“, „Есмералда“, „Арлекинада“ и други.

Ќе настапат студенти и алумни на ФМУ, меѓу кои Христина Наќевска-Митрашиновиќ и Илијана Данилов, подготвени од професорите Александра Мијалкова и Горан Божинов. Настанот ќе го збогатат и гостите од најзначајната танцова институција во Кина, Пекиншката танцова академија, како и ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Шпанскиот кореограф Франциско Руиз, заедно со студентите од насоката за класичен балет, премиерно ќе го претстави делото „Oblivion“.

Современиот танц е застапен на две фестивалски вечери. На 22 јуни, за првпат во Македонија ќе настапи Танцовата компанија од Оснабрук, Германија, предводена од кореографот и танчер Бојан Мицев, алумни на ФМУ. Своја кореографија ќе претстави и Срна Клотц, инспирирана од македонски фолклорни мотиви, како и италијанскиот кореограф Луиџи Императо. Реномираната кореографка Тифани Ре-Фишер од Њујорк ќе ја презентира креативната колаборација „Арка“, реализирана со млади македонски танчери.

Вечерта на танцови минијатури (26 јуни) ќе обедини студенти од Одделот за современ танц на Музичката академија од Полска и студенти од ФМУ, подготвени од професорката Искра Шукарова. Завршницата ќе ја донесе интернационален тим независни современи изведувачи, предводени од Јована Петровска, македонска танчерка активна на германската сцена.

Новина на фестивалот е премиерната продукција мјузиклот „Авантурата Њујорк“ (24 јуни), реализиран со целосно македонска екипа: Борче Начев, Соња Здравкова-Џепароска, Елизабет Колевска, Сања Шутевска и Дарија Џепароска.

Востановената награда за трајни вредности во танцот оваа година постхумно му се доделува на Марин Црвенов – првенец на Балетот на МНТ, чија творечка работа остави длабока трага во македонската културна меморија и претставува репер за идните генерации уметници.

И оваа година зад концептот и програмата стои Соња Здравкова-Џепароска. Фестивалот останува доследен на својата базична мисија – афирмација на младите уметници и отворање простор за презентација на нивниот творечки потенцијал. Влезот на сите настани е слободен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот