Сцена од претставата „Чудесна терапија“

Комедијата „Чудесна терапија“ на Драмскиот театар ќе има изведба во центарот на Скопје

Драмски театар Скопје првиот дел од сезоната, во која ја прославува 80-годишнината од постоењето, ја заокружува со изведба на претставата „Чудесна терапија“ на 16 јуни, во 21 часот, на отворено во центарот на градот.

Граѓаните и посетителите на главниот град претставата ќе може да ја гледаат бесплатно на локацијата на малиот амфитеатар во комплексот на спомен-куќата на Мајка Тереза на улица „Македонија“ во Скопје.

Претставата „Чудесна терапија“ е работена по текст на авторот Даниел Глатауер. Режисер е Димче Николовски, драматург Александра Бошковска, костимограф е Раде Василев.

Улогите ги играат актерите на Драмскиот театар: Предраг Павловски, Маја Вељковиќ-Пановска и Соња Стамболџиоска.

Драматургот Александра Бошковска во програмската белешка за претставата напиша: „Претставата ʻЧудесна терапија’ се занимава со потребата од чиста и искрена комуникација како предуслов за една среќна врска. При тоа, безусловно сме свесни дека во комуникациската еволуција, човештвото има уште многу етапи што треба да ги совлада.“

Бошковска додава: „Комуникацијата е универзална способност на секој човек. Но, дали знаеме вистински да комуницираме? Се чини едноставно, но во врска, сакале или не, сѐ станува комплицирано. Понекогаш и до бескрај. Разговорот знае да прерасне во кавга, кавгата во конфликт, а конфликтот во војна. А проблемот, наместо да биде решен, да роди нов, поголем проблем.“

Претставата премиерно е изведена во мај 2019 година и до сега има 55 изведби, од кои десетина гостувања биле на театарските фестивали во Македонија и во земјите од регионот. Поради универзалноста на темата и бравурозната изведба на актерската екипа, комедијата има одличен прием и актерите добиваат силни аплаузи како израз на задоволство на театарската публика, известија од Драмскиот театар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот