Ѓоле Максимовски, бас-гитарист / Фотографија: Џон Илија Апелгрен

Разговор со Ѓоле Максимовски за неговиот музички проект „Холимуд“: Да се фати моментот на инспирацијата

Најновиот албум на „Максимовски јунајтед“ (Maksimovski UTD), бенд кој претставува авторски проект и музичка визија на басистот и автор на музиката Ѓоле Максимовски, е со наслов „Холимуд“.

Музиката на албумот претставува рефлексија на амбиентот во кој живее и твори авторот. „Холимуд“ (Holymood) е чувство, атмосфера и простор каде музиката станува медиум за создавање нова реалност. Албумот содржи осум композиции, исполнети со современ музички израз и богата инструментална комуникација.

Веќе по првото слушање на изданието „Холимуд“ (Holymood) се „гледа“ дека албумот е правен за душа. Со каква мотивација е создаден албумот?

– Мотивацијата е да се фати моментот на инспирацијата, значи не трагање по хит, туку следење на нешто внатрешно, нешто што ме возбудува и ми ја тера крвта посилно низ вените. Секогаш гледам да ги следам чувството и потребата од себеизразување. Првите нумери се создадоа во времето на ковидот, кога имавме вишок време, за да видиме каде сме, што сме…

Какво расположение означува насловот „Холимуд“?

– Холимуд е едно посебно место, расположение, каде патувам кога творам, кога создавам нешто свое или кога сум едноставно на бина, во студио итн. Тоа е чувството на отелотворување на некои мелодии кои свират во мене. Многупати свирењето инструмент за мене било лековито, како живеење во подобар свет, трагање по вистинскиот пат. Истото гледам да го пренесам и кога работам со млади басисти како предавач во школото за рок-музика „Ентерпрајз“.

Имаш настапувано со многу бендови и музички формации. Каква разлика прави да свириш нечија музика и своја музика?

– Гледам разликата да ја направам помала, односно да се дадам себеси при интерпретирањето на туѓа песна или дело. Секако, слободата на изразување со свирење своја музика го прави чувството подобро. Ги ценам авторите со кои не сум многу ограничен на бина и во студио, односно имаме соработка на повисоко ниво, каде можам и активно да учествувам во аранжманот на песната.

Многупати свирењето инструмент за мене било лековито, како живеење во подобар свет, трагање по вистинскиот пат

Во процесот на снимање или свирење на музиката секој член на бендот создава своја автентична трага. На кој начин беше направена селекцијата на музичарите што учествуваа во снимањето на албумот?

– Едноставно за секоја нумера и бојата која ми треба во неа имам замисла кој би можел да ја долови, односно кој е инструментот што е потребен во дадениот момент. За среќа околу мене имам мајстори на своите инструменти. Кога требаше тромбон веднаш му се јавив на Владан Дробицки, а за труба на Сенад Усеин. Тие двајца се издвојуваат со својот звук на албумот во којшто претежно учествуваат инструментите пијано, бас, тапани…

Неразделен си од својата бас-гитара. Кога првпат фати гитара во раката и зошто тоа е бас?

– Акустична гитара свирам од 12 години, а од 16-годишна возраст почнав и бас-гитара. На почетокот почнав да ги прештимувам дебелите жици на акустичната гитара за да свирам некои бас линии што ми се допаѓаа. Како мал имав еден куп плочи од бендови каде што свиреа топ-басисти, како „Битлси“, „Каџа-гу-гу“, Брадерс Џонсон. Многу од овие винили делуваа и на мојот звук понатаму.

Инаку, еден ден отидов кај братучед ми Тони, тогашен басист во „Мизар“, кој ми кажа: „што не земеш еден од моите басови да пробаш?“ Мислам дека тоа беше моментот за почеток со бас-гитарата.

Ѓоле Максимовски, бас-гитарист / Фотографија: Џон Илија Апелгрен

Секоја музика има свој специфичен ритам, а на албумот има фузија на џез, хип-хоп, фанк и традиционални композиции. Што е заедничко за сите овие жанрови во ритамска смисла?

– Во ритамска смисла заедничко им е што добро лежат за слушање во автомобил (ха-ха) и секако, ми го следат ритамот на срцето. Гледав од почеток до крај да бидат како една ритмичка целина. Така и почетокот со „Холимуд“ е во средно темпо кое се развива во хип-хоп, грув, фанк, некаде на средината се смирува со едно летаргично балканско реге, а да продолжи со хип-хоп и традиционални ритми за на крајот да се појави песната „Фамилија“, која технички е во 7/8 ритам, а инаку е моја многу лична мелодија.

На кои нови проекти работиш во овој период?

– Во овој период сум во процес на промоција на албумот и на договарање на концерти со „Максимовски јунајтед“. Секако, разработувам и некои идеи за следниот авторски проект. Исто така, концертно работам со повеќе артисти, како „Бла-бла-бла“, Елена Васова, Мите Димовски, Тамара Тодевска, Владимир Четкар. Лето е, и музичкиот живот е богат.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 335, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.6.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот