Избраните дела се во издание на „ПНВ Публикации“ од Скопје

Излегоа првите два тома од четиритомникот „Избрани дела“ на поетот Славе Ѓорѓо Димоски

Во издание на „ПНВ Публикации“ од Скопје, а со поддршка на Министерството за култура и Општина Охрид од печат излегоа првите два тома од четиритомникот „Избрани дела“ од Славе Ѓорѓо Димоски.

Првите два тома се насловени „Поезија“ и „Песни и поеми“ и во нив е поместено целокупното поетско творештво на Димоски. Во првиот том се содржани песните од книгите објавени од 1979 до 1999 година, а во вториот од 2007 до 2024 година.

Во вториот том е објавена и студија (над 70 страни) од Венко Андоновски, за целокупното поетско творештво на Ѓорѓо Димоски со наслов: „Сјајот на планетата населена од едно бушаво дете“ во која Ѓорѓо Димоски е оценет како жив класик на современата македонска поезија и неизоставно име во секоја антологија веќе повеќе од четири децении.

– Димоски е сосема јасна, светла, топла планета во соѕвездието на македонската поезија, соѕвездие кое големиот поет Анте Поповски често знаеше да го именува и како македониум, духовен елемент во менделеевата табличка на елементите. Елемент кој според него ја дефинира суштината на македонското битие – вели Андоновски.

Славе Ѓорѓо Димоски е автор на шеснаесет поетски книги. Има дваесет книги преведени на странски јазици, а одделни песни и поетски циклуси му се објавени на над триесет и пет јазици.

Добитник е на најзначајните награди за поезија што се доделуваат во Македонија, меѓу кои „Браќа Миладиновци“, „Антево перо“, „Ацо Шопов“, „Григор Прличев“, „Книжевен жезол“ и друго, како и неколку во Европа, меѓу кои „Гран при на Европа за поезија (за целокупното поетско дело)“ – Романија, Орден „Златна есен – Сергеј Есенин“ (за придонес во светската литература) – Русија, „Арка“ – за најдобра книга од странски автор во 2023 година во Србија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 335, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.6.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот