Амазонките од Африка / Фотографија: Татјана Ранташа

Звучни пораки за подобар свет беа пренесени на 25. ОФФест

Со концерти на кои беа претставени актуелни албуми на врвни имиња од областа на „глобалната музика“, јубилејното 25. издание на ОФФест без помпа, туку со виртуозни изведби на музичари од 12 земји, уште еднаш го потврди своето високо реноме и огромно значење.

Фестивалот на „музиката на светот“, или по ново, како што објасни Оливер Белопета, „глобалната музика“, од 3 до 6 јуни претстави учесници од 12 земји, кои со себе донесоа музички и стилски нијанси од светот, а годинава најмногу од Африка. Првите три фестивалски вечери се одржаа во Националната опера и балет, а последната се случи на 6 јуни во Младинскиот културен центар.

На 3 јуни фестивалот го отвори виртуозот на балафон Ласана Дијабате од групата „Guitari Baro“ (во превод „Гитарски разговори“), по што следуваше концерт на БЦУЦ (Bantu Continua Uhuru Consciousness), домородна група што потекнува од Совето во Јужна Африка, со нивната уникатна мешавина од психоделични грувови, комбинирани со хип-хоп и панк-рок енергија.

Ако Дијабате, кој настапи сам, до детали го откри инструментот балафон (сличен инструмент во Европа е ксилофонот) и се претстави со прецизен, интензивен и контролиран звук од традиционалниот африкански инструмент, седумчлената група БЦУЦ го донесе звукот на урбаната Африка. Пораките што звучно и со танц ги пренесоа до публиката се однесуваат на борбата за човековите права и потрагата по најдобрата верзија од себе – како човек.

БЦУЦ / Фотографија: Татјана Ранташа

Маестралниот виолинист Нилс Окланд, кој настапува подеднакво и како солист и во дует, го претстави спектарот на норвешката традиционална музика. На втората фестивалска вечер во вториот дел од концертот му се придружи органистот Сигбјорн Апеланд, со кого заедно музицираат од 1990-тите години. Нивниот настап заврши во квартет формација, бидејќи на две песни на крајот им се придружија нашите Добрила и Дориан, со кои се запознале во 2023 година во Берген.

Норвешко-македонска музичка формација / Фотографија: Татјана Ранташа

Токму Добрила и Дориан беа следни на програмата истата вечер со концертна промоција на нивниот трет албум со наслов „Wind To Blow“ („Ветер да подујне“). Албумот е снимен, миксан, мастериран и продуциран од Дориан Јовановиќ во „Профундус студио“ во Скопје. Изданието го објави „СЏФ Рекордс“ (SJF Records), а извршен продуцент е Оливер Белопета.

Вистински вокално-музички перформанс изведоа Раул Рефри и Марија Мазота на третата фестивалска вечер. Нивната музика е реинтерпретација на апулијскиот фолклор, прикажувајќи ја Италија од почетокот на 20. век преку религиозни мантри, работнички и приспивни песни.

Марија Мазота и Раул Рефри / Фотографија: Татјана Ранташа

Во традиционални свечени костими и со модерен музички израз истата вечер настапија Мамани Кеита, Оуму Сангаре и Мириам Думбиа, три ѕвезди од Мали споени во формацијата „Les Amazones d’Afrique“. Името на групата е земено од жени-воинки кои се бореле за некогашното Кралство Дахомеј, а современите амазонки од Африка со својата музика се борат за женските права и за еднаквоста во современото општество.

На последната вечер настапија извонредниот мултиинструменталист, реномиран мозамбиски музичар, композитор и изработувач на инструменти, Мачуме Занго, а фестивалот го затворија симпатичните „Завосе квинс“, кои го претставија полифоното пеење на народот Гого од регионот Додома во централна Танзанија.

Пред концертите, следејќи ја убавата традиција, во придружната програма на ОФФест таа вечер беше прикажан и култниот документарен филм „Елис и Том“, кој ја раскажува приказната за снимањето на еден од најзначајните албуми во бразилската и светската музичка историја.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 335, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.6.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот