Грчкиот поет Сотирис Минас објави збирка кај нас, самиот си ги препеал песните на македонски
Од печат излезе „Раскинување на договорот“ дебитантската стихозбирка на грчкиот поет и преведувач Сотирис Минас, во издание на „Матица македонска“. Книгата е објавена двојазично, на грчки и на македонски јазик, а македонските верзии на песните се препев на самиот автор.
Препорачано
Со ова издание, македонскиот јазик не е само јазик на превод, туку јазик на лична, етичка и поетска одлука. Минас, Грк без македонско потекло, самиот го научи македонскиот јазик и токму на него ја објавува својата прва поетска книга во Македонија, поставувајќи ја поезијата во центарот на еден поширок културен и човечки разговор.
Во претходни јавни настапи тој ја објасни својата позиција со реченица што силно одекна во македонската јавност: „Ако кај Македонците е посеан страв да го зборуваат својот јазик, тогаш еден Грк ќе го научи и ќе го зборува тој ист јазик по свој избор – и тоа со гордост.“ Со „Раскинување на договорот“, таа јавна позиција веќе не останува само изјава: таа станува книга.
Митови и факти ЕП 15 | Сотирис Минас: Јас сум чистокрвен Грк, но тврдам дека има Македонци во Грција
Во авторската белешка кон изданието, Минас ја формулира својата одлука без заобиколувања: „Мојата одлука да ја објавам оваа збирка во Македонија, преку издавачката куќа Матица македонска, е свесен чин на правда.“ Тој пишува дека живееме во реалност изградена „врз негирањето на различното и врз задушувањето на неговиот идентитет“, па затоа ова издание го нарекува свој „директен судир со деценискиот молк и лаги“.
Токму затоа „Раскинување на договорот“ не е само вест за нова стихозбирка, туку културен настан што отвора прашања што долго биле премолчувани: за јазикот, името, идентитетот, стравот, достоинството и правото на човекот – но и на еден народ – да постои без да биде негиран или преименуван од друг.
„Избирам двојазично издание бидејќи соживотот на грчкиот и македонскиот јазик за мене претставува практично признавање на македонскиот идентитет“, пишува Минас. „Тоа е чин на солидарност што ги урива границите и бара заемна почит. Цврсто верувам дека помирувањето започнува единствено преку прифаќањето на постоењето на другиот.“
Насловот на книгата – „Раскинување на договорот“ – е нејзината централна метафора. Тоа е раскин со сè што било наметнато без согласност: со туѓите очекувања, со одземеното име, со стравот, со премолчувањето, со животот според туѓа мерка. „Тоа е мојот раскин со еден договор потпишан без мое знаење, кој ми наметнуваше потчинетост и сакаше да не постојам. Денес, тој договор го палам“, вели авторот.
Во таа смисла, книгата го спојува личното и политичкото без да ги сведува песните на парола. „Раскинување на договорот“ е книга за личната повреда што не сака да остане само болка, за траумата што бара излез, за љубовта што не се откажува од човекот, но и за правото на јазик, име и постоење. Нејзината острина не произлегува од желба за скандал, туку од одбивањето да се прифати молкот како единствен можен одговор.


