Се расипа авионот со кој папата требаше да се врати од Шпанија во Ватикан
Враќањето на папата Лав Четиринаесетти од Шпанија во Ватикан денеска привремено беше одложено поради технички проблем на авионот на компанијата „Иберија“, со кој требаше да отпатува од канарскиот остров Тенерифе за Рим, објави АП.
Препорачано
Капетанот на авионот ги информирал патниците дека постои технички проблем, поради што полетувањето е одложено додека не се отстрани дефектот. Засега не е соопштено за каков дефект станува збор, пренесува шпанската радиотелевизија.
Додека авионот бил задржан на аеродромот Лос Родеос, шпанскиот крал Фелипе Шести се качил во леталото за да се информира за ситуацијата. Потоа и тој и папата Лав Четиринаесетти привремено го напуштиле авионот додека траеле техничките проверки.
Шпанската радиотелевизија наведува дека помали технички тешкотии кај авионите се релативно чести, но дека во такви ситуации се применуваат строги безбедносни протоколи и максимални мерки на претпазливост.
Папата Лав Четиринаесетти денеска ја заврши седумдневната посета на Шпанија, за време на која ги посети Мадрид, Барселона и Канарските Острови. Посебен фокус на неговата посета беше прашањето за миграцијата, а на Тенерифе се сретна со мигранти и со претставници на програми за нивна интеграција. Во пристаништето Санта Круз служеше и миса на отворено.
Посетата на Канарските Острови беше оценета како симболичен гест на поддршка за мигрантите кои преку Атлантската рута се обидуваат да стигнат до Европа.
Се очекува папата, по завршувањето на техничките проверки, да го продолжи патувањето кон Рим.
Папата посети затвореници во Барселона: „Минатото не ја осудува иднината“


